Хрватите и Бугарите се најнезадоволните граѓани во ЕУ


Хрватите спаѓаат меѓу најнезадоволните граѓани на Европската унија, покажува новото истражување на евро-статистичарите.

Имено, со просечна општа оценка на квалитетот на животот, од само 6,3 во 2018. година, Хрватите се позадоволни единствено од Бугарите, кои квалитетот на животот го оценија со просечна оценка 5,4.

Тука треба да се нагласи дека оценките се движат во распон од нула, која означува целосно незадоволство, па до 10, што е оценка за целосно задоволство.

Инаку, просечната оценка на квалитетот на живот на граѓаните на ЕУ во 2018. година изнесуваше 7,3, што значи дека квалитетот на својот живот Хрватите и Бугарите го оценуваат послабо од просекот на Унијата, покажуваат податоците на Еуростат.

И не само тоа: додека задоволството од квалитетот на животот во Бугарија лани пораснало во однос на 2013. година, кога беше оценето со 4,8, задоволството од животот во Хрватска во истиот период стагнираше, односно просечната оценка остана иста. Тренд на стагнација во оценката за животните прилики во ЕУ во истиот период има само уште Белгија, чии граѓани, меѓутоа, се позадоволни од начинот на живот од Хрватите, со оглед на тоа дека квалитетот на живот го оценуваат со 7,6, што е над просекот на ЕУ.

Главната причина за незадоволството на Хрватите, се чини, е финансиската природа. Имено, како што покажува истражувањето, сопствената финансиска ситуација Хрватите ја оценуваат со просечна оценка 5,2, што е исто така една од најниските оценки во ЕУ. Помалку задоволни од својата финансиска ситуација во ЕУ се само Литванците и Бугарите, додека просечната оценка за финансиската ситуација во ЕУ е 6,5. Сепак, во однос на 2013. година, оценката на финансиската ситуација во Хрватска е порасната, со оглед на тоа дека тогаш испитаниците во Хрватска на својата финансиска ситуација и даваа оценка од само 4,6.

Хрватите се при дното на скалата на ЕУ и по оценката на личните односи, односно квалитетот на односите со другите луѓе. Истражувањето на Еуростат покажува дека просечната оценка која ја даваат испитаниците во Хрватска лани била 7,5, што е под просекот на Унијата од 7,9. Од личните односи помалку од Хрватите се само Грците и Бугарите.

Словенците и понатаму спаѓаат меѓу позадоволните граѓани во ЕУ. Имено, вкупниот квалитет на животот го оцениле со 7,3, што е на ниво на просекот на ЕУ. Блиску до просекот Словенците се и по оценката на финансиската состојба, која ја оцениле со 6,3.