Хром ја добива првата спортска сала
![](https://nezavisen.mk/wp-content/uploads/2025/02/gjorce-sala-hrom.jpg)
Во подрачното ООУ „Димитар Поп Георгиев – Беровски“, изградбата на првата училишна спортска сала во Хром влегува во завршна фаза. Во моментов се поставува челичната кровна конструкција – еден од чекорите пред конечното завршување на ова долгоочекувано барање на жителите, соопшти градоначалникот на општината Александар Стојкоски.
– За првпат, учениците ќе добијат современ простор за спортски активности, нешто што досега го немале! Ова беше едно од најголемите барања на жителите на Хром, а денес заедно сведочиме на неговата реализација, додаде тој.
Проектот опфаќа изградба на спортска сала со гардеробери и санитарии и хортикултурно уредување на околниот простор.
Вкупна инвестиција изнесува 19,730,131 денари со ДДВ.
– Досега се реализирани околу 40% од предвидените работи, вклучувајќи темели, столбови и армирано-бетонски греди, што овозможи да започне изведбата на кровната конструкција. Покрај ова, во подготовка е проектот за доградба на училиштето со цел учениците да започнат да изведуваат едносменска настава, што ќе обезбеди уште подобри услови за учење и развој, рече првиот човек на општината и вети дека се продолжува со создавање подобри услови за секое дете, затоа што инвестициите во младите се инвестиции во иднината!