Христијан Мицкоски речиси едногласно доби уште еден мандат


Фото: Б. Грданоски
 

Единствениот кандидат за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, попладнево беше акламативно избран за уште еден мандат на чело на партијата. На конгресот присуствуваа 493 делегати, гласале 492 од кои 489 за Мицкоски. Имало и три неважечки ливчиња.

На конгресот под мотото „Нова генерација за нова иднина“, ВМРО-ДПМНЕ најави нова доктрина и кадровски освежувања.

По изборот се обрати Мицкоски, кој пред почетокот на конгресот уште еднаш побара одржување на предвремени избори.

-По денешниот ден испраќаме порака на обединување и заедништво. Ова е конгрес по кој ВМРО-ДПМНЕ излегува посилно, со уште поголем елан и енергија за времињата што следат.Ако има некој кој сè уште се сомнева дека ВМРО-ДПМНЕ може да успее и сè уште е несигурен дека ВМРО-ДПМНЕ може да донесе сигурност во ова општество, кој сè уште се прашува дали сонот на нашите основачи е жив во нашето време, кој сè уште ја преиспитува моќта на нашата демократија и нашите верувања, денешниов ден е одговор на тие сомнежи и на тие прашања, рече Мицкоски.

Тој не сакаше да зборува за минатото туку за иднината.

-Време е луѓето во Македонија да ги слушнат пораките за иднината и како до нејзе, народот е нестрплив да чуе решенија за промени, за визија која нема да се претвори во некоја нова лага, за еден поинаков пристап во политиката, за соновите кои мора да ги направиме јаве.Им се обраќам на членовите на ВМРО-ДПМНЕ на месните комитети, на општинските комитети, на комисиите, униите, на сите наши симпатизери и поддржувачи…Подответе се…!Нè чека работа, нè чека многу работа. Нè чека борба!    Народот има очекувања од нас и мора да ги оправдаме. Народот има надеж дека нешто ќе се промени. Мора да промениме. Народот верува дека може подобро, мора да биде подобро.И конечно, народот сака да види избор, опција на која ќе ѝ верува, ние сме таа алтернатива и мора да направиме сè за да бидат убедени дека можат да се потпрат на нас, порача Мицкоски. 

Според него, како општество премногу долго сме во истото мочуриште во кое нè довеле неодговорни и лукративни политики.

-Сметам дека таквото системско разградување на сè што е добро и квалитетно во земјава придонесе сите ние да станеме робови на системот кој е во анархија, безредие, систем на невредности кои стануваат правило на однесување во секојдневието. И никако не ги обвинувам луѓето кои се подредуваат на таквото секојдневие затоа што мислат дека реалноста не им нуди избор. Во тешки времиња да се понуди избор значи да се преземе голема одговорност. Ние таа одговорност ја земаме на своите плеќи затоа што мора на народот да му се покаже алтернатива која ќе нè избави од болната реалност во која живееме, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој нагласи дека пред нас се големи предизвици, економска криза, енергетска криза, ковидот не престанува и покрај надежите дека тоа ќе се случи, светот е изменет, планетата е изменета, се функционира поразлично од претходно.

-Македонија мора да фати приклучок, да се адаптира на новиот свет, да ги создаде, развие и да ги промовира своите предности и да ги исправи своите недостатоци.         Знам дека постојат родители кои кога ќе им заспијат децата водат разговори како да го поминат месецот и како да платат рати од кредитот. Како следниот ден да обезбедат пари за ужинка, топла облека за најмладите членови на семејството.          Знам дека постојат професори кои прават планови и не им излегува есапот како да купат нов стан.Знам дека постојат пензионери кои сакаат, но често не можат на своите внуци да им купат тоа што им треба.Знам дека постојат доктори кои размислуваат како да купат авионска карта во еден правец.Земјоделци на кои секој ден им е налик на претходниот и полни со разочарување чекаат подобри времиња. Знам дека постојат многу работнци кои стравуваат за својата иднина, и многу невработени кои чувствуваат неоправдана вина во себеси дека не успеале.Знам за вашите проблеми. Многу добро ги знам. Сакам да посочам да не ја губите надежта. Заедно ќе успееме. Ова е заедничка битка, порача Мицкоски, па додаде: 

 -Како партија влегуваме во она што го нарекувам втора епоха. Во втората епоха кај нас е потребно да направиме општествена мобилизација на секоја интелектуална сила и поединец во земјата, да допреме до секоја слободомислечка индивидуа и да подадеме рака во насока на преродба на државата, обнова и промени во партијата и во државата кои ќе ја донесат новата иднина…Затоа јас ве повикувам сите тука, и сите оние надвор од оваа сала, и партиски определени и неопределени, придружете ни се.

Претходно тој тврдеше дека како лидер си поставил три цели и ги остварил, а пред се изградил коалиционен капацитет на партијата која сега е посакуван политичаки партнер.

-На почетокот од мојот мандат  се обврзав на три работи кои ги сметав за клучни. Првата, да создадеме коалиционен капацитет на партијата, за да можеме да коалицираме со секоја партија која верува во истите принципи и вредности како и ние. Втората работа беше да се подобрат односите со стратешките партнери САД и ЕУ, затоа што ВМРО отсекогаш била прозападно ориентирана партија. Третата работа кон која се обврзавме да направиме реформи во партијата кои ќе ѝ донесат успех на избори.

Денес ВМРО-ДПМНЕ е посакуван политички партнер од сите партии кои веруваат во нашите принципи и вредности. За прв пат по подолго време ВМРО-ДПМНЕ ги сруши стереотипите и направи коалиција со албанска политичка партија затоа што мојата филозофија е да веруваме и да инвестираме во вредности и работи кои нè обединуваат. Тоа пред само 4 години беше незамисливо за ВМРО-ДПМНЕ која во очите на пошироката и меѓународна јавност беше претставувана за радикален елемент.

Денес имаме отворена комуникација со сите партии, без оглед на тоа каков предзнак имаат. И фала му на Бога што со дел од нив како оние од власта имаме отворени разлики, кои не се врз основа на нашата идеолошка матрица ниту национална припадност, туку врз основа на тоа какви вредности браниме. Нашите политички конкуренти ги обединуваат тендерите, нас мора да нè обединува целта да ги решаваме проблемите без да навлегуваме во некаква националистичка реторика која ќе нè разединува и се користи веќе 30 години од партиите како завеса за прикривање на нивните криминални интереси, рече Мицкоски.

Тој дефинираше цели како дел од доктрината и филозофија на делување. Тоа се  ниски даноци, сузбивање на криминалот, влез во Европската Унија, но и заштита на националните интереси.

– Нашата цел и визија како партија ќе биде да се бориме во една временска дистанца да постигнеме економски стандард како во една Австрија. Наша цел како дел од тој нов договор и консензус е намалување на персоналниот данок и на данокот на добивка на 8%. Данокот за млади луѓе да биде 0%, а секоја година по стабилизирањето на економијата да имаме раст до  6%. Да постигнеме едноцифрена невработеност, рече Мицкоски.

Мицкоски истакна дека во образованието да имаме универзитет во првите 500 според Шангајската листа, додека говорејќи за земјоделието посочи дека визијата е да се создаде систем на сигурен откуп за земјоделците и извоз на производител нешто што 3 децении не го правиме.

– Во културата да се вмрежиме, да станеме дел од европските збиднувања. Македонија има што да каже на овој план. И најпосле, да доживееме Македонија да стане дел од Европската унија. Ова не е сон, ова е наша цел, потенцираше Мицкоски.