Христијан Мицкоски доби уште еден мандат да го води ВМРО-ДПМНЕ

Мицкоски рече дека неговиот наследник ќе биде „човек со ’рбет, со интегритет, со дисциплина и фокус“


 

Христијан Мицкоски доби трет мандат откако делегатите на 18. партиски конгрес одлучија да ја води ВМРО-ДПМНЕ во наредните четири години. Според статутот на партијата тоа ќе биде негов последен мандат.

Претседателот на Изборната комисија, Зоранчо Јованчев, соопшти дека од 817 присутни делегати, 804 гласале за Мицкоски, кој беше и единствен кандидат за функцијата.

Во говорот откако беше пак избран за претседател Мицкоски им порача:

„Многу е важно по што ќе ве запаметат и како ќе излезете во политиката која морам да признаам дека е една валкана арена на многу нечесни игри. Таквата перцепција ја прават токму оние кои на политиката гледаат како алатка за исполнување на свои лични интереси, а не за напредок и заедничко добро. Ниеден функционер не е вечен и мора да има одговорност кон членството и кон самите себе. Не заборавајте од каде почнавте и од каде дојдовте“.

Тој соопшти дека во наредниот шестмесечен период ќе има реформи и кадровски освежувања во сите структури на партијата – од Извршниот комитет сѐ до општинските и месните комитети. 

„На ВМРО-ДПМНЕ му е потребна новата генерација што треба да се роди во наредниот четиригодишен мандат. Генерација која ќе изгради од желбата и поривот да се гради татковината, која ќе ја следи и гради стратегијата што ќе обезбеди стабилно и победничко ВМРО-ДПМНЕ и силна иднина за нашата татковина Македонија“. 

Мицкоски рече дека неговиот наследник ќе биде „човек со ’рбет, со интегритет, со дисциплина и фокус. Наследникот мора да биде човек што ќе знае дека партијата е поголема од него, а не човек што мисли дека е поголем од партијата“.

Тој се осврна на ДУИ и рече дека само од нив зависи дали и на кој начин ќе ги извлечат поуките важни за нивната партија. За СДСМ кажа дека не го прави среќен тоа што „тоне во безидејност и е под својот биолошки минимум како партија“.

Според него, во СДСМ имало „егзибиционисти во политиката, кои привлекуваат внимание, но сите вие знаете дека не се ниту толку храбри, ниту толку силни во своите ставови, зад кои најчесто се кријат лукративни мотиви. Тие создаваат еден талог во општеството и се дел од него. Се противат на секој државен интерес и на секоја вредност во општеството гледаат со скепса и ја разјадуваат. Затоа мораме да го победиме тој талог заеднички и снажно“.

На конгресот, кој се одржа под мотото „Визија што гради држава – За генерацијата што доаѓа 2030“, беа усвоени два политички документи: „Стратегијата 2025–2030“ и „Парадигма“.