Холандија подржува поголеми трошоци за одбраната, но инсистира на одржлив долг

Холандија ги поддржува предлозите на Европската комисија за зголемување на трошоците за одбраната на Европа, но инсистира на важноста на обезбедување „одржлив долг“, изјави холандскиот премиер Дик Схоуф при пристигнувањето на денешниот Самит на ЕУ во Брисел.
Изјавата на Схоуф беше коментар на предлогот на ЕУ за олеснување на фискалните правила со што на земјите членки би им се овозможило поголеми јавни трошоци за одбраната и поддршка на одбранбената индустрија.
Според Схоуф, Холандија останува „конструктивна“ кога станува збор за овој предлог, но продолжува да нагласува дека „одржливиот долг е важен“ и затоа и натаму се противи на користење на инструментот за издавање еврообврзници.
Во однос на случувањата во Украина, холандскиот премиер истакна дека е потребен „најсилниот можен“ мировен договор што може да се спроведе, потенцирајќи дека рускиот претседател ги покажал своите намери со војната.
За барањето на Москва „Европа да престане да и пружа воена помош за Украина“, Схоуф истакна дека тоа „не е опција“, нагласувајќи дека Холандија е заинтересирана за директни инвестиции во украинската одбранбена индустрија, со цел да се искористи нејзиниот капацитет и да се забрза производството на муниција.