Холандија – На техно забава не можеа без ковид сертификат, а десет дена подоцна заразени речиси илјада млади
Многу љубители на техно и хаус музика се заразиле масовно на фестивалот Веркнипт во Утрехт
Фестивалот Веркнипт во Утрехт, што се одржа помеѓу 3 и 5 јули, се претвори во ново жариште за корона вирусот. За да влезат на фестивалот, посетителите требаше да достават потврда за вакцинација, дека закрепнале од корона вирусот или со негативен тест.
Десет дена подоцна, се покажа дека и покрај преземените мерки, речиси илјада посетители на фестивалот се заразиле со корона вирус. Ова е околу пет проценти од вкупниот број посетители на дводневниот настан, пишува „Шпигел“. Портпаролката на холандскиот здравствен институт Лидија ван дер Меер изјави дека бројот на заразени може да се зголеми во наредните денови. „Сепак, веруваме дека сега сме на врвот на бранот“, рече таа, пренесува Дневник.хр.
Музичарот Нико Морено, кој настапи на фестивалот на 7 јули, објави видео на кое се гледа дека многу луѓе во шаторот не држат растојание.
Првиот ден се заразиле 448 посетители, а на вториот се регистрирани 516.
Делта сојот на корона вирусот се шири брзо во Холандија со репродукциски број 2,17, најголем од почетокот на пандемијата во март 2020 година, соопшти Националниот институт за јавно здравје и животната средина (RIVM).
Овој репродукциски број покажува дека на секои 100 заразени лица, ќе се заразат нови 217. RIVM тврди дека помеѓу 60 и 65 проценти од сите заразени лица се погодени од делта сојот.
Инфицираните веројатно нема да имаат потешка форма на корона вирус, се вели во извештајот.
Драматичниот пораст на инфекциите во Холандија ја поттикна владата во петокот да се откаже од олеснување на некои мерки. Ноќните клубови повторно се затвораат и фестивалите повеќе нема да се одржуваат бидејќи тие веројатно се главните извори на инфекција во последните две недели.