Холандија мора да го намали загадувањето со азот или ќе биде казнета со 10 милиони евра, реши Суд во Хаг
Владата на холандскиот премиерот Дик Схоуф мора да ги засили напорите за намалување на загадувањето со азот во заштитените природни области во Холандија согласно целите за ограничување на емисиите на штетни гасови до 2030 година или ќе се соочи со казна во висина од 10 милиони евра, реши денеска холандски Суд.
Со пресудата, изречена врз основа на тужба на холандскиот огранок на Гринпис, Владата мора да се погрижи присуството за азот до 2030 година да се намали под максимално дозволеното ниво во барем половина од најзагадените реони со овој гас во земјата.
Ваквата пресуда претставува дополнителен притисок врз Владата во Хаг за справување со проблемот со загаденост со азот со кои се соочија повеќе претходни владини кабинети.
Владата на Схоуф, која беше избрана лани во јуни, ги намали буџетските средства на Фондот за зелена транзиција, што го формираше претходниот владин Кабинет на актуелниот генерален секретар на НАТО, Марк Руте.
Целта на Фондот беше да се поддржат фармите загадувачи со азот со тоа што ќе се обезбедат средства за обезбедување на нивна одржливост во услови на зголемени трошоци за заштита на животната средина. Но, десничарската Влада на Схоуф реши да се фокусира на технолошки решенија за помала загаденост и одлучи спроведувањето на мерките за намалување на емисиите на азот од страна на земјоделците да биде на доброволна основа.
Меѓутоа, според Судот, Владата мора да преземе видливи финансиски и регулаторни мерки, пред се насочени кон земјоделството, транспортот и индустријата, за да избегне дополнителна „штета врз природата“ и да ги почитува на регулативите за животна средина на Европската унија.
Гринпис Холандија ја поздрави пресудата како своја победа, но нагласи дека е потребана итна акција за нејзино спроведување.
– Владата ќе мора да излезе со предлози кои конечно ќе им дадат јасна перспектива на земјоделците и ќе ги поддржат на фер начин во неопходната транзиција кон еколошкото земјоделство, изјави директорот на Гринпис Холандија, Енди Палмен.
Се очекува Министерството за земјоделство да поднесе жалба на пресудата, особено што со него раководи Фемке Виерсма од Земјоделско-граѓанско движење (БББ), кое настана како протестна партија на земјоделците незадоволни од мерките за намалување на загадувањето.
Доколку, холандската Влада не ги спроведе мерките за азотното загадување може да се соочи со реакција од Брисел и со нови судски тужби, но како се реши за нивна доследна примена би можела да поттикне нови земјоделски протести и блокади, нешто што Схоуф се надева дека ќе успее да го избегне.
Инаку, ова не е прв пресуда на холандски суд поврзана со загадувањето со азот во земјата. Од 2019 година во неколку судски процеси беа изречени пресуди за поништување на градежни дозволи и беа воведени построги правила за исхрана на животните и мерки за заштити биолошкиот диверзитет.
Вишокот на азот во атмосферата може да создаде загадувачи, како што се амонијакот и озонот, кои може да предизвикаат проблеми со дишењето, да ја ограничат видливоста и да го забават растот на растенијата. Кога вишокот на азот се враќа од атмосферата на површината на земјата, тој може да предизвика штети на шумите и загадување на почвата и водните текови.