„ХБО“ и „Дискавери“ се спојуваат во една стриминг платформа наречена „Макс“


„Ворнер Брос. Дискавери“ (Warner Bros. Discovery) вчера објави дека ќе ги спои своите стриминг услуги „ХБО Макс“ (HBO Max) и „Дискавери Плус“ (Discovery Plus) во еден канал наречен „Макс“. Новата стриминг платформа ќе ги комбинира сите постоечки програми што во моментов се достапни на „ХБО Макс“ и „Дискавери Плус“, вклучувајќи ги и во моментов најпопуларните содржини таму, како сериите „The Last of Us“, „House of the Dragon“ и „Succession“.

Новата стриминг платформа „Макс“ ќе биде пуштена во употреба на 23 мај во САД, додека во повеќето држави во Европа и Азија, меѓу кои и за гледачите во Македонија, ќе биде воведена во текот на наредната година. Стриминг сервисот „ХБО Макс“ автоматски ќе се ребрендира во новата услуга, додека сервисот „Дискавери Плус“ и неговите програми и понатаму ќе бидат достапни како самостојна услуга со пониска цена.

Како што информираат од „ХБО Макс“, постоечките претплатници на оваа стриминг платформа ќе имаат пристап до новата „Макс“ услуга по истата цена како и сегашната претплата, најмалку шест месеци по лансирањето.

Стриминг услугата „ХБО Макс“ во Македонија пристигна на почетокот од минатата година, наследувајќи ја дотогашната услуга наречена „ХБО Гоу“ (HBO Go).

Во моментов претплатата за македонските гледачи на оваа стриминг платформа изнесува 7 евра месечно, односно 55 евра за годишна претплата, додека цените во европските држави и во САД се повисоки.

Продукцијата „Ворнер Брос“ се надева дека со новата стриминг услуга ќе претставува посилна конкуренција за „Нетфликс“ кој доминира на стриминг-пазарот и кој на крајот од 2022 година броеше околу 230 милиони претплатници во светот.