Хари Костов го пофали Рамковниот, удри по расипништвото и корупцијата


Хари Костов, како поранешен министер за внатрешни работи во времето на потпишувањето на Охридскиот договор, по набројувањето на достигнувањата со него, даде оценка и за сегашната состојба во државата. 

Според негова оценка, политичките партии кај нас се толку поделени што сега, по Охридскиот договор, треба да потпишат нов договор за остварување на неопходните реформи, зад кој ќе застанат и бизнисот и науката, и да мора потоа да го остваруваат без оглед кој е на власт.

-Ако е точна констатацијата дека Охридскиот договор е веќе исполнет, тогаш политичките партии во државава треба да склучат нов рамковен или само договор – за економските реформи, политики и мерки кои треба да се спроведуваат во наредните најмалку десетина години, во соработка со науката и бизнисот. Новиот рамковен би значел договор меѓу сите релевантни политички партии со учество на науката и бизнисот за мерки за кои ќе постои согласност дека ќе мора да применуваат независно кој ќе биде на власт, истакна Костов.

Од бизнис перспектива тој немаше толку розова слика за патот по кој оди Македонија, гледајќи спас во формирање на фискален совет и валутен борд, за да им се стави крај на презадолжувањата ,  мегаломанските државни буџети непоткрепени со приходите, трупањето на јавната администрација со партиски кадри , делењето државна помош без јасна програма за што и нејзино претворање во корупција, што се заедно ги тера младите да се иселуваат надвор.   

-Политичките партии денеска се толку поделени што не можат да постигнат консензус ни за една мерка, па ни за тоа од која страна да изгрее сонцето, рече Костов посочувајќи дека кога СДСМ беа опозиција критикуваа жестоко за нерационалното трошење на буџетските пари, за партизацијата, за зголемувањето на пензиите  и слично, а сега го прават тоа ВМРО-ДПМНЕ, додека актуелната власт продолжува со претходните политики.

-На изборите партиите само ги сменија етикетите и сега ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат за тоа што ги обвинуваше СДСМ нив. И така триесет години се вртиме во магепсен круг со големи очекувања од секоја промена на власта и разочарувања потоа, оцени Костов. 

Новиот „рамковен договор“ што го предложи, според него, треба да се применува од сите политички партии без оглед кој ќе биде на власт. Тој треба да ја сведе задолженоста во подносливи рамки, бидејќи поради проектот Скопје 2014 и трошењата околу пандемијата можноста за задолжување за инфраструктурни проекти битни за економијата опасно е стеснета. Јавната администрација со договоорт треба да се рационализира до разумна бројка,  а тие што ќе останат да имаат поголеми плати. Притоа да престане да се користи за партиски вработувања како досега. Буџетот, рече Костов, од 1,6 милијарди стигна до 4,4 милијарди, а ниту стандардот на населението ниту БДП не се пораснати за трипати. Задолжувањата, рече тој, се се поголеми а резултатите  се помали, па предложи формирање на фискален совет и валутен борд кои би ставиле котрола на трошењата, но и на корупцијата која според него постигнала висок степен на толеранција во земјата. 

-Дали сум јас толку наивен и очекувам дека партиите на моменти можат да заборават  на својата поделеност? Не сум, и знам дека моите предлози  ќе наидат на тврди уши. Затоа мислам дека уште долго ќе се вртиме во магепсаниот круг, додека не се освестиме, рече Костов со јазик што не го познаваат политичарите во Македонија. На тоа регираше Артан Груби со забелешка дека е добро да се има малку опозиција, но нагласи дека  тој магепсан круг во кој сме сега – е НАТО.