Хаос во правосудниот систем

Она што се случува последниве месеци во државата, во суштина е тажниот епилог од „смртната постела“ на повеќедеценискиот метастазиран систем на владеење на правото


Дали хаосот во правосудниот систем ја доведува во прашање иднината на Македонија, или тоа е врвот на драматичните последици на целосно партизираното општество? Она што се случува последниве месеци во државата, во суштина е тажниот епилог од „смртната постела“ на повеќедеценискиот метастазиран систем на владеење на правото.

Дијагнозата на тешко болниот организам беше воспоставена од врвниот правен конзилиум на тимот на Германецот Рајнхард Прибе пред речиси девет години, поточно пролетта 2015 година. Покрај дијагнозата беа дадени и сите насоки за хируршките операции, лекарства и терапии за успешно лечење на пациентот од десетгодишното озрачување во ерата на „груевизмот“.

Eве колку за потсетување неколку препораки на групата експерти на Прибе, која беше фокусирана на најпотребните мерки за следење на тековната кризна состојба. Значајни недостатоци беа идентификувани главно во пет сфери: следење на комуникациите, се однесува на големиот скандал со прислушување на илјадници јавни личности, судството и обвинителството, надворешниот надзор од независни тела, изборите и медиумите.

Во Извештајот има прецизни препораки со специфични рокови имајќи ја предвид потребата за итно постапување во сите области кои треба да бидат имплементирани во практиката без одлагање. Тоа се, пред сѐ, европските вредности: демократија, еднаквост и почитување на човековите права, владеење на правото што се темелите врз кои е основана ЕУ. Прибе во своите препораки тогаш ни напиша: гарантирањето на слободата на медиумите, како и борбата со корупцијата треба да бидат сметани за највисоки цели во секоја од набројаните пет сфери. Проблемите кои се идентификувани во овој Извештај се поврзани и нема да бидат надминати додека не се потенцираат сите недостатоци кои го попречуваат функционирањето на парламентарната демократија.

Интересот на политичките партии не треба да се меша со јавниот интерес на државата.

Прибе беше дециден: „Скандалот со прислушувањето откри масовно прекршување на основните права, вклучувајќи го и правото на глас, правото на еднаков пристап до јавни услуги, правото на приватност и заштита на личните податоци, како и правото на независно и непристрасно судење. Снимките од разговорите, според квалитетот, опсегот и бројноста, потврдуваат дека се направени во просториите на националната разузнавачка служба.

Според надворешен набљудувач, УБК работи надвор од својот законски мандат во име на власта за да ги контролира носителите на високи функции во јавната администрација, обвинителството, судиите и политичките противници, на што како последица се вмешува во независноста на судството и другите национални институции. Очигледна е директна вмешаност на високи владини и партиски функционери во нелегални активности, вклучително и изборни измами, корупција, злоупотреба на власта и овластувања, конфликт на интереси, уцени, изнудување, притисок врз вработени во јавниот сектор да гласаат за одредена партија со закана за нивно отпуштање, тешки прекршувања на процедурите за јавни набавки со добивање недозволен профит, непотизам и протекции, неприфатливо политичко мешање во назначување на судии, како и мешање во други наводно независни институции поради лична, или партиска корист…“ итн. итн. итн. стои документирано во Извештајот на толку саканиот Прибе. Дали можете да препознаете кој сето ова зло го направи?

Мафијата победи во консензус со политиката

Тогаш, сите релевантни политички партии, правни експерти, универзитетски професори, академици, јавни личности и медиуми и целата јавност еднодушно го прифатија Извештајот на Прибе и неговиот тим напишан на цели 30 страници за излез од кризата на заробеното општество. Покрај јасно назначените неопходни реформи на правосудниот систем и формирање на Специјалното јавно обвинителство за пресметка со организираниот криминал и корупција, независното функционирање на судството во сите инстанци, вклучувајќи ги и медиумите, беа одредени и роковите за нивна реализација. Надежите за оздравување на тешко заболениот беа големи по падот на режимот на Никола Груевски и ВМРО ДПМНЕ.

И што се случи. По првичните успеси, пресуди на затворски казни и шокантни откритија на Специјалното обвинителство уследи катастрофа. Мафијата пак победи во консензус со политиката. По падот на Специјалното обвинителство се урнаа и надежите за правна држава. Очигледно „грешката“ на Прибе била во проценката дека европскиот и германскиот пристап не можат да го спроведуваат криминални структури во високите партиски и владини ешалони длабоко навлезени не само во судството, туку и со пресудно влијание и во јавноста, во академските и деловни средини и кај правните експерти за долготрајни јалови судски процеси.

Така стасавме до никаде. Еден по еден од предметите кои ја потресуваа јавноста застаруваат на вчудоневидување не само на домашната јавност. Мафиозите кои натрупаа огромни богатства со својата моќ и влијаните ги урнаа сите обиди за воспостваување на владеење на правото.

По напуштените реформи на Прибе се носат нови квази реформи за амнестии, аболиции, помилувања и за намалување на казните. Во ек се јавни допишувања со меѓусебни обвинувања на носителите на највисоките и најодговорни функции во правосудниот систем.

Тоа е диктат на цивилизацијата

Ситуацијата во земјата стана анархична бидејќи последиците излегоа од рамките на судството и неговите надлежни институции и се присутни во сите сфери на општеството. Или, можеби е поточно е да се каже дека пропуштената решителна пресметка со носителите на криминалот и корупцијата по падот на режимот на Груевски не само што ги врати старите моќници на јавната сцена, туку создаде и нови мафијашки босови кои најбрзо воспоставуваат согласност во поделбата на сфери на влијанија и територии на грабежот.

Она што остана неразбрано не само во пошироката јавност во Македонија, а може да се каже и во поголем дел од стручната јавност, па и во партиските врвови и на власта и на опозицијата, е нешто што многу поодамна е осознаено и предупредено од македонската научна правна мисла. А, тоа е фактот дека владеење на правото не е само законската регулатива, судството и обвинителството, туку дека тоа е суштествен сегмент на демократијата. Надвор од демократијата принципот на владеење на правото претставува гола форма и може да се трансформира во инструмент на присила, репресија и диктатура, што ние го имавме цели 11 години. Но, не извлековме поуки.

Никако не сакаме да прифатиме дека основната функција на владеење на правото е ограничувањето на политичката власт и обезбедување на ефикасна заштита на човекот и неговите слободи и права. Владеењето на правото во исто време е најзначен предуслов за изградба и функционирање на општеството втемелено врз законитостите на пазарната економија. Затоа беа неопходни и оправдани најенергични мерки да бидат преземени против злосторничките здруженија кои грубо го поткопаа владеењето на правото. Оттаму можеби навидум е пренагласената констатацијата дека хаосот во првосудниот систем ја загрозува иднината на Македонија. Но, искуствата кажуваат дека тоа е закономерност. Тоа и кај нас гледано во периодот од независноста до денес јасно покажува дека е така.

Многубројните и најситни пропусти, лесното прилагодување, евтиното оправдување и замижување пред неправдата, брзото заборавање создаваат амбиент кој оневозможува јасно да се видат работите, дури и кога се работи за големи злодела. Многу веројатно дека тоа е главната причина што не можеме да го совладаме значењето на изгубеното време во остварување на најзначајните државни интереси. Така потрошивме неколку генерации граѓани.

Уставните измени не се само за членството во ЕУ, туку многу повеќе баш за владеење на правото и другите реформи во изградба на демократско општество. Тоа не е диктат ни на Бугарија, ни на ЕУ. Тоа е диктат на цивилизацијата и на современиот свет. На нас е дали ќе прифатиме или ќе потрошиме уште неколку генерации.

(Линк до текстот до Дојче веле овде)