Хан: Добив уверување од Мицкоски дека нема да има бојкот на изборите


Еврокомесарот Хан во интервју со дописничката на МИА од Брисел ги појаснува дилемите околу неговата изјава за почеток на преговори за Северна Македонија со ЕУ во јуни. Тој нагласува дека добил силни уверувања од лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски дека партијата ќе игра конструктивна и зрела улога во претстојните претседателски избори.

Господине Хан, на последниот состанок на комисијата за надворешни работи во Европскиот Парламент (АФЕТ), споменавте “подготвителна фаза“ на преговори за Северна Македонија, што беше интерпретирано кај дел од јавноста во земјата како повторно одлагање на овие долго очекувани преговори, можете ли да ја појасните вашата изјава?

Мојот став секогаш бил јасен: Европската Комисија планира да ги презентира извештаите за земјите на крајот на мај. Врз основа на значајниот остварен напредок, силно сум уверен дека ќе можеме да приложиме позитивен извештај и јасна препорака за пристапни преговори со Скопје. По ова, ќе биде на земјите членки да донесат одлука. Кога нашите партнери ги исполнуваат јасно поставените критериуми, ЕУ исто така треба да си ги исполни заложбите и да премине на следната фаза од пристапниот процес со Северна Македонија. Да се даде кредит онаму каде е заслужен! Во прашање е кредибилитетот на ЕУ. Она за што говорев на средбата во АФЕТ е нормална подготвителна фаза откако Советот ќе даде зелено светло. Се разбира дека пристапните преговори нема да почнат преку ноќ. По одлуката на Советот двете страни треба да ја постават таканаречената преговарачка рамка и да договорат меѓувладина конференција. Ова е вообичаена процедура и иста е за сите земји, тоа го знаат нашите партнери и во ниеден случај нема одлагања или “дополнителни чекори и барања“ во овој процес.

Има ли ризик проширувањето воопшто да не биде ставено на агендата на Советот во јуни и дискусијата да биде одложена за есен?

Поставувањето на агендата на Советот е во рацете на ЕУ претседателството, како и секогаш. Секогаш сум барал да ја имаме оваа важна дебата и, се надевам, одлука, за Северна Македонија во прва прилика, т.е Советот за општи работи во јуни.

Опозицијата смета дека земјата не е подготвена за преговори, дека има голема корупција, партизација на администрацијата, дека судството не е независно, итн. Во која мера Европската Комисија ги дели овие ставови на опозицијата?

Не коментирам индивидуални изјави. Нашите извештаи се објективна проценка и се засноваат на фактите. Како што реков, Северна Македонија оствари значаен и видлив напредок во многу области. Преспанскиот договор е историски исчекор. Ако се задржи реформската динамика, како што очекувам, извештајот за земјата ќе биде јасен.

Има доста критики дека Македонија недоволно е подготвена во однос на преговарачките тимови за старт на овој процес.Кој е вашиот совет до земјата?

Мислам дека секоја земја кандидат би требало да си ги подготви преговарачките тимови на време и да се опреми со најдобрите експерти. Квалитетот на овие тимови ќе биде одлучувачки за добриот напредок на преговорите.

Има ли уште земји членки кои се противат на старт на преговори со Северна Македонија во јуни и што правите како Европска Комисија да го надминете ова?

ЕУ се соочува со време на предизвици со ЕУ изборите и Брегзит, да споменам само два. Тоа бара политичко внимание, што е нормално. Затоа е важно да се искомуницира вистинскиот интерес на ЕУ во продолжување на процесот на проширување, засновано врз принципот на заслуги. Интеграцијата на Западниот Балкан е инвестиција во мир, стабилност и просперитет на нашето непосредно соседство: европската перспектива е главниот геополитички поттик за реформи и гаранција за постепено усогласување на регионот со европските стандарди и вредности. Неиспорачувањето на ветената поддршка кон европската перспектива на Западниот Балкан значи да се остави регионот на другите играчи со различни политички агенди и различни вредности, тоа не може да биде во интерес на ЕУ. Јас постојано комуницирам за сите овие аспекти во моите средби со земјите членки и Европскиот парламент, како што сторив неодамна во АФЕТ. Но, јасно е дека комуникацијата за бенефитите од интеграцијата на Западниот Балкан мора да има поширок агол и да биде интензивирана од страна на владите и граѓанските општества на земјите членки и на земјите од Западниот Балкан исто така.

За крај, има гласини дека опозицијата би можела да го бојкотира вториот круг на претседателските избори, до кој степен може тоа да и наштети на земјата?

Како што реков многупати, демократијата значи конструктивна меѓупартиска соработка и способност за компромис. Бојкотот не е знак на демократска зрелост. Европската перспектива на Северна Македонија треба да се гледа како национална, стратешка цел на сите политички сили која бара активна и конструктивна заложба од сите политички партии и граѓанското општество. Во овој дел, добив осигурувања од лидерот на опозицијата дека тие ќе играат активна и конструктивна улога во претседателските избори и немам причина да се сомневам во тоа.