Халкбанк ја започнува акцијата „Еден милион садници за пет години“


Халкбанк АД Скопје започнува нова еко-акција „Еден милион садници за пет години“ со која потврдува дека грижата за животната средина останува нејзин врвен приоритет. Со акцијата „Еден милион садници за пет години“ истовремено се одбележува и петгодишнината од „зелената платформа“ ХалкЕко, во рамките на која банката во изминативе години оргнизираше и поддржа бројни еколошки проекти.

Банката веќе потпиша договор со ЈП „Македонски шуми“ за спонзорство, кое предвидува во следните пет години да се засадат 1.000.000 садници низ територијата на целата земја. Во текот на годинава ќе бидат засадени 20.000 садници, а од 2025 година, динамиката ќе се зголеми со засадување по околу 250.000 садници годишно, со што до 2029 година ќе се постигне целта од еден милион садници.

Според Билал Суџубаши, главен извршен директор на Халкбанк АД Скопје, основна цел на иницијативата е создавање поодржлива, позелена и поздрава Македонија. Тој посочи дека преку платформата ХалкЕко досега се реализирани повеќе акции низ различни општини во кои беа засадени над 60.000 садници. Овие дрвја веќе почнаа да го даваат својот придонес бидејќи секое дрво апсорбира приближно 22 килограми јаглерод диоксид годишно и ослободува кислород доволен за двајца луѓе. 

„Нашите шуми се нашето наследство, но и наша одговорност. Да ја прифатиме оваа можност за промена. Да бидеме генерацијата која ќе остави трага – не само на зборови, туку и на дела“, рече Суџубаши.

Mинистерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски, рече дека шумите и земјоделството се неразделно поврзани. Тие обезбедуваат стабилност на почвата, задржуваат влага и претставуваат природна заштита од ерозија. Со засадувањето на нови дрвја се заштитуваат овие витални ресурси и се обезбедуваат подобри услови за земјоделско производство, особено во региони погодени од климатски екстреми како суши.

Ане Лешкоска, заменик министер за животна средина и просторно планирање посочи дека Министерството за животна средина соработува со приватниот сектор, невладините организации и граѓаните за да се создаде партнерство кое ќе доведе до вистински промени.

„Засадувањето дрвја е еден од најефикасните начини за ублажување на загадувањето. Дрвјата не само што го апсорбираат јаглерод диоксидот, туку ја намалуваат концентрацијата на ПМ честички во воздухот, произведуваат кислород и создаваат природни бариери од прашина и други штетни материи. Овој проект, кога ќе биде реализиран, ќе го намали загадувањето во регионите каде што е најкритично“, истакна Лешкоска.