Гутереш: Бандите во Хаити можат да ја преземат престолнината


Бандите во Хаити би можеле целосно да ја преземат престолнината Порт-о-Пренс, што би довело до целосен колапс на државната власт, доколку не се обезбеди дополнителна меѓународна поддршка за ослабената национална полиција, предупреди генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш.

Во извештај презентиран на синоќешната седница на Советот за безбедност, Гутереш изрази загриженост за влошената состојба во најсиромашната земја на Западната хемисфера и истакна дека „времето е клучно“.

„Одложувањето на обезбедувањето дополнителни полициски сили за мултинационалните единици кои се борат против насилството на бандите или на дополнителната билатерална помош носи ризик од катастрофален колапс на институциите за национална безбедност,“ изјави Гутереш.

Според него, ваквото сценарио би им овозможило на бандите да го преземат целиот главен град, што би довело до крах на државната власт и би ги оневозможило меѓународните операции, вклучително и хуманитарната помош за најпогодените заедници.

„Мора итно да направиме сè што можеме за да спречиме таков исход,“ порача Гутереш.

Кенија е на чело на мултинационалните полициски сили, а за време на викендот пристигнаа 217 нови полицајци, со што бројот на силите достигна нешто над 600, што сè уште е под ветените 1000 од претседателот на Кенија. Дополнително, пристигнаа 150 полицајци од Гватемала и осум припадници на салвадорската армија, но силите се далеку од планираната бројка од 2500 припадници.

Податоците на ОН покажуваат дека во текот на минатата година, на Хаити биле убиени над 5600 лица.