Груевски го брани Мицкоски: Треба да се патува со бизнис класа


 

Прашањето за патувањето на премиерот и тројца министри со бизнис класа за САД (потрошени 20.000 евра) е тривијална популистичка тема. И премиерот и министрите (како што го правеле неговите колеги во светот треба да патуваат со бизнис или прва класа особено на прекуокеански летови.

Со ваква јасна одбрана на премиерот Христијан Мицкоски и тројцата министри излезе бегалецот во Будимпешта Никола Груевски давајќи му отворена поддршка на неговиот наследник на челото на ВМРО-ДПМНЕ.

Груевски вели дека „штедењето никогаш нема да ве направи богати“. Во својата објава на Фејсбук тој ја обвинува опозицијата што го отворила ова прашање.

„Многу политичари во Македонија се занимаваат со маргинални популистички прашања одвлекувајки го вниманието на народот од важните теми и не препознавајки ги суштинските и вистински значајни теми за народот. Често тие критикуваат практики кои самите ги применувале кога биле на власт.

Во светот, без исклучок премиерите и министрите патуваат со бизнис или прва класа. Македонија не треба да се разликува.

Наместо да се фокусира на вакви тривијални теми, опозицијата треба да се занимава со ефектите и резултатите од патувањата на државните функционери, како што се носењето на инвестиции, привлекувањето приходи по разни основи, зајакнување на политичките позиции на државата, лобирање и резултати од тоа, идеи за реформи кои ќе го подобрат животниот стандард на народот и нови можности за државата…

Народот треба да бара од политичарите реални резултати кои ќе ја издигнат Македонија на врвот на балканските земји за почеток, да бара исполнување на дадените ветувања од власта, видлив напредок на сите полиња, а не лажна скромност“, вели Груевски.

Тој им дава совети и на опозицијата и на власта:

„Опозицијата треба да се натпреварува со идеи и проекти кои ќе ја подобрат државата, а не со манипулации и лицемерие. Само така има шанси да успее. Власта не треба да прифати натпревар на поле на маргинални и неважни теми, туку да ја извлече опозицијата на површината на полето на големите проекти и реформи, придвижувања напред, важните државни одлуки“.