Груби во СТУДИО 10: Никогаш не сум рекол дека Албанците владеат со Македонија

Вицепремиерот Артан Груби го потврди 8 мај како опција за избори, и покрај тоа што станува збор за работен ден. Тоа е последниот и најран период за претседателски и парламентарни избори и само така ќе останеме во рамките на редовните избори, смета Груби. Тој за следната недела најавува лидерска средба на која дефинитивно ќе се одлучи за датумот на изборите, односно да се потврди дека првиот круг на избори ќе биде на 24 април, а на 8 април ќе се одржи вториот круг претседателски избори и парламентарните избори.
– Ова не е по барање на ВМРО-ДПМНЕ, ние видовме дека расположението на граѓаните е такво па се усогласивме со тоа, изборите да бидат заеднички за да не се трошат ни пари ни енергија на граѓаните. ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека имаат повеќе шанса да ги добијат изборите, а не мислат на буџетот на граѓаните, оти истата партија одржуваше предвремени избори во неколку наврати, вели Груби.
Груби вели дека е трагедија тоа што ВМРО-ДПМНЕ не сака пржинска влада и смета дека тоа е навестување што ќе се случува ако победи ВМРО-ДПМНЕ во што Груби не верува.
– Првиот Албанец премиер не беше условен со пржинската влада, туку поранешниот премиер Заев рече дека ќе се повлече од неговата позиција пред изборите за да овозможи фер политичка кампања. Пржинската влада е договор и непочитувањето на договори чинат мандати на политичките партии. И јас би предложил укинување на техничка влада, но тоа да почне да важи од следниот мандат и да продолжиме како сите нормални демократии, вели Груби.
Тој вели дека ќе има премиер Албанец и нема ништо лошо да ѝ се случи на државата со тоа како што немаше никаков проблем ни со избор на претседател на Собрание Албанец во два наврати. Целта на тоа, според Груби, е покажување дека сите граѓани се еднакви и рамноправни во оваа држава.
– Јас заклучив дека е прерано за мене и мојата политичка кариера да бидам премиер и да предводам влада. Друга кандидатура би била подобра и за државата и за партијата, оти ДУИ има изградено административни капацитети за различни функции и тоа се гледа по анкетите, вели Груби.
Тој наедно негираше дека неодамна изјавил дека Албанците владеат со Македонија.
– Јас никогаш не сум кажал дека Албанците владеат со државата туку дека и Албанците владеат со државата. Оние прашања што ги покренавме во предизборната кампања веќе се реализирани, вели Груби и коментира дека денеска се се вади од контекст и се спинува.
– Ниту Албанците може да владеат сами ниту Македонците може да владеат сами, коментира Груби.
Тој тврди исто така дека ДУИ ќе се откажат од премиер Албанец, ќе излезат од влада, ќе се откажат од техничка влада и се понатаму, ако ВМРО-ДПМНЕ се согласи да ги изгласа уставните пормени и да го откочи патот кон ЕУ.
– Соопштенијата на албанската опозиција се пишуваат во ВМРО-ДПМНЕ. Се што не може да каже ВМРО-ДПМНЕ оди преку албанската опозиција, вели Груби.
Тој негира дека во неговиот кабинет се сместени портали и вели дека нема потреба од тоа затоа што има свој Фејсбук профил и страница, како и на другите социјални мрежи.
Груби негира дека Али Ахмети го спасува Никола Груевски и вели дека тоа е пропаганда на ВМРО-ДПМНЕ која се спроведува преку албанската опозиција. За него идеален кандидат за премиер Албанец би бил Али Ахмети, но според Груби – Ахмети има други планови.
Според него, анкетите покажуваат дека Европскиот фронт е понапред од другите политички партии и формации.
-Се споредуваат податоците од анкетите и евидентно е дека Европскиот фрон води пред опозицијата. Овие избори се референдум дали сакаме европска Македонија или изолирана Македонија, дали сакаме да ни се повтори 2008 година во Букурешт кога не станавме членка на НАТО или ќе одиме кон ЕУ. Гледаме најава дека ВМРО-ДПМНЕ има најава за алтернативни сојузи и дека не се гледа себеси во Европа. Освен тоа е расположена да коалицира со партија која е против ЕУ, НАТО, признавање на Косово и слично, а станува збор за Левица, вели вицепремиерот.
Со Европскиот фронт и влезот во ЕУ единствено можеме да ги задржиме младите во земјата па дури и да ги вратиме оние кои заминале назад. А ова што го рече ВМРО-ДПМНЕ за алтернативните сојузи е прв пат некоја сериозна партија да го каже тоа толку отворено, вели Груби.
Груби вели дека 2006 година ВМРО-ДПМНЕ се обиде да направи влада без ДУИ и таа влада падна и се одржаа предвремени избори со помош на т.н. Мајски договор со ДУИ. Околностите во 2016-2017 година не се споредуваат со ништо оти тогаш бевме соочени со прислушуваните избори и низа други скандали поради кои цела Европа беше против ВМРО-ДПМНЕ да формира влада по што следеше и упадот во Собранието.
– Денешниот наратив на ВМРО-ДПМНЕ е како наративот на Заев во 2020 година кога тој се залагаше ДУИ да замине во опозиција, но по разговорите излезе дека СДСМ направи коалиција со ДУИ која излезе успешна. Да сум обичен граѓанин, Македонец, не би верувал во тоа што го велат политичките лидери оти на крајот ќе видиме како ќе излезат резултатите од изборите. ДУИ има 50 отсто од албанското гласачко тело. Но, ќе повторам, Европскиот фронт води пред опозицијата па извесна е влада меѓу СДСМ и ДУИ, вели Груби.
Груби вели дека ќе ни се случи заробена држава ако го одбиваме албанскиот јазик, ако одбиваме Бугарите да влезат во Уставот и ќе си направиме проблем со сите соседи, вели Груби, и додава дека тоа се единствените услови под кои една десничарска влада може да дојде на власт.
– Сликата е црно-бела – ВМРО-ДПМНЕ и Левица бараат алтернативни сојузи, а нашиот избор е европска перспектива. Ставот на опозицијата е скандалозен но тоа е точно. На изборите граѓаните избираат или европска или руска перспектива. Бугарско сценарио, односно да не може да се формира влада може да се случи само благодарение на руското влијание, вели Груби.