Гринпис: Белгија троши повеќе на руски гас отколку на помош за Украина


Од почетокот на војната во Украина во февруари 2022 година, Белгија потрошила повеќе за увоз на руски течен природен гас (ЛНГ) отколку за помош за Украина, соопшти еколошката организација Гринпис.

Како што се наведува, заедно со Франција, Шпанија и Холандија, Белгија сочинува 95 проценти од увозот на течен природен гас од Русија во ЕУ, пренесува белгискиот VRT.

Заедно, овие четири земји платиле 34,3 милијарди евра за увоз на руски гас меѓу 2022 и средината на годинава. Како што наведува VRT, тоа може да се спореди со вкупно 21,2 милијарди евра билатерална помош за Украина.

Од почетокот на војната, Франција потрошила 12,7 милијарди евра на руски гас. Шпанија потрошила 9,5 милијарди евра, а Белгија е трет најголем купувач во ЕУ, со 6,2 милијарди евра потрошени на руски ЛНГ од 2022 година.

Во меѓувреме, Белгија потрошила 3,2 милијарди евра на помош за Украина од февруари 2022 година.

Според извештајот, западнофламанското пристаниште Зебриге станало најголема поединечна влезна точка за руски ЛНГ во ЕУ, односно опфаќа една четвртина од сите испораки на гас од Русија во Унијата.