Грција потпишува меморандуми со Македонија, па не ги ратификува
Меморандумите со Северна Македонија ќе бидат ратификувани во соодветно време во следниот период, рече портпаролот на грчката Влада Јанис Иконому на денешниот брифинг со новинарите, без притоа да прецизира кога трите договори би биле ставени на дневен ред во грчкиот Парламент.
Одговарајќи на новинарско прашање за тоа колку нератификуваните меморандуми оставаат простор за договори за воена соработка меѓу Северна Македонија и Турција, Иконому објасни дека Грција има свои договори со нашата земја.
-Договорот со Турција покрива поинаква димензија на соработка, како што е можност за кредитна линија за купување одбранбен материјал. Нашата земја пак, има свои договори со Република Северна Македонија, а што се однесува на меморандумите што не се ратификувани, ќе бидат ратификувани во соодветно време во следниот период, објасни Иконому.
Меморандумот за забрзување на процесот на интеграција на Северна Македонија во ЕУ; Меморандумот за формирање на Координативен комитет за економска соработка и Техничката спогодба за надгледување на FIR Скопје, се трите потпишани меморандуми меѓу Северна Македонија и Грција што произлегуваат од Договорот од Преспа, а во грчкиот Парламент беа доставени кон средината на септември минатата година.
Оттогаш сè уште не е ставена на дневен ред нивната ратификација, а од опозициската СИРИЗА, често ја обвинуваат актуелната грчка Влада дека поради внатрешните несогласувања во Нова демократија, намерно ја одложува ратификацијата.