Грција не се однесува зрело кон Преспанскиот договор, вели Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски вели дека „сè што е содржано во (Преспанскиот) договорот го почитувам, целокупната официјална, формална, институционална комуникација е апсолутно со придавката. Не сум среќен со тој договор, знаете како тој договор беше донесен во парламентот, кога пратеници за уши се носеа, а претходно притвораа и затвораа, се уценуваа за да гласат за тоа што се случи тогаш“, но дека Грција е таа што не го почитува.
Во интервју за Ал Џезира, тој рече доколку се анализира добро Договорот од Преспа ќе се види дека македонската стана има многу повеќе направено од тоа што таму го има, укажувајќи дека односот од Грција не е зрел бидејќи освен декларативна нема суштинска поддршка за интеграција на Македонија во рамките на Евроатланските институции.
„Очекувам зрел добрососедски однос со нашиот јужен сосед. Ваков тип на однос не е зрел. Мислам дека ако правилно се анализира и чита договорот ќе се види дека ние имаме направено многу повеќе од тоа кое што е наша обврска. Не само со Преспанскиот договор туку и со гантограмот на активности на негова имплементација. Ќе повторам вистинското прашање е што има направено нашиот јужен сосед. Ја споменавте поддршката од страна на Грција за интеграција на Македонија во рамките на евроатланските институции, освен декларативна, јас суштинска поддршка ниту сум видел, ниту граѓаните во нашата земја имаат почувствувано нешто такво, а да не зборувам за навредливата реторика Скопјанос, Скопја, да не зборувам за неусвојувањето на меморандумите во рамките на парламентот изминатите пет години“, изјави Мицкоски.