Грчките тајни служби спречиле атентат против Заев
Американците презеле дискретна заштита на премиерот Зоран Заев и испратиле пораки до странските амбасади и до ВМРО-ДПМНЕ дека „знаат“ што се подготвува
Грчките тајни служби и владата во таа земја спречиле обид за атентат врз лидерот на Северна Македонија, Зоран Заев, неколку месеци по потпишувањето на Договорот од Преспа во летото 2018 година, и пред парламентот да изгласа промена на Уставот со 80 гласови.
Ова за грчкиот медиум „Недела навечер“ го откри извор од „длабокото јадро“ на тогашното Министерство за надворешни работи, кој во исто време бил и неформална врска со тајните служби и Министерството за одбрана, и кој играл значајна улога во целиот случај.
Според изворот, по ратификацијата на Договорот од Преспа од Собранието на Македонија со 69 гласови на 20 јуни (Договорот беше потпишан на 12 јуни во селото Псарадес во Лерин во Преспа), политичката тензија го достигна врвот во земјата. Опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, предводена од Мицкоски (кој го замени Груевски, но тогаш се сметаше за послушник), ја поларизираше климата до опасно ниво во земја во која обидите за атентат не беа непознати.
Моќните организации на Македонците во Австралија и Канада ги финансирале реакциите во Скопје и обезбедиле средства за „обезбедување“ на гласови.
Грчките тајни служби го информирале тогашниот премиер Алексис Ципрас дека во Македонија има интензивна мобилизација против Заев. Во исто време, американските служби сметале дека „силите што имаат интерес да не се потпише Договорот ќе се обидат да спречат промена на Уставот на Македонија од страна на Парламентот“, но не ја знаеле длабочината на тие отпори. Набргу потоа следува протерување на руски дипломати од Атина.
Американците ги пресретнале разговорите на раководителите во опкружувањето на Никола Груевски во Унгарија, што ја документира мобилизацијата околу обидот да се спречи промената на Уставот, како и тие со претставници на иселеничките организации. Обидот бил финансиран од некои странски организации и бил планиран од разузнавачки службеници од трети земји, кои се појавуваат во Македонија или како трговски агенти или како директори на медиуми.
Грчките разузнавачки служби го информираат Министерството за надворешни работи дека „претстои агресивна акција против Зоран Заев“, без докази што би довеле до нешто поконкретно.Тогашниот премиер му наложува на Министерството за надворешни работи да ги извести надлежните органи на соседната земја, а прв е информиран тогашниот министер за надворешни работи, Никола Димитров, а, преку други „канали“, Зоран Заев.
-Американците преземаат дискретна заштита на скопскиот премиер и испраќаат пораки до странските амбасади и ВМРО-ДПМНЕ дека „знаат“. Во тие месеци Заев ја имаше истата заштита како и американскиот претседател, нешто што беше очигледно дури и за неуките, и што обесхрабри секаква мисла за агресивна акција, пишуваат грчките медиуми.
Оценката на изворот кој ја пренесе информацијата до „Недела навечер“, е дека од моментот кога беше изгласана промената на Уставот, имаше подземна консултација на САД со прогонетиот и обвинет Никола Груевски и со амбасадата на силна земја, во која беше кажано дека ќе одговараат за секоја „несреќа“ на Заев. Но, и денес, заштитата на Заев е показател за стравот на премиерот кој се сеќава на судбината на Глигоров, кој чудесно избегна смрт во 1995 година.