Грчкиот дипломат Михалис Рокас од денес е новиот амбасадор на ЕУ во земјава


Грчкиот дипломат Михалис Рокас од денес ја презема функцијата на амбасадор на Европската Унија (ЕУ), соопштува Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија.

Тој го наследува Дејвид Гир, кој стана амбасадор на ЕУ во Северна Македонија во септември 2020 година.

Рокас беше номиниран во април, кога високиот претставник на Европската Унија Жосеп Борел номинираше 44 нови шефови на делегации на ЕУ, вклучително и нови амбасадори на ЕУ во Босна и Херцеговина, Црна Гора и Северна Македонија, како и шеф на канцеларијата на ЕУ во Косово.

Пред сегашната функција, Рокас ја извршуваше функцијата амбасадор на ЕУ во Малезија. Тој е роден во септември 1964 година во Атина, со 26-годишно искуство во областа на надворешните работи, приклучувајќи се на Генералниот директорат за надворешни односи на Европската комисија во 1994 година.

Тој бил шеф на делегацијата на ЕУ во Нов Зеланд, прв секретар на Канцеларијата на Европската комисија во Хонгконг и Макао, како и шеф на Одделот за поддршка на делегации во Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС) на Кина, Хонгконг, Макао и Одделот за Тајван и Монголија.

Рокас има диплома по економија и постдипломски студии по европска економија. Мајчин јазик му е грчкиот, а зборува англиски, француски и германски јазик.