Грчката професорка по историја и теорија на филм Какламаниду: Големите филмски дела никогаш не се изгубени, само чекаат повторно да бидат откриени
По над 70 години од создавањето, грчкиот филм „Ева“ на Марија Плита, првата жена филмска режисерка во Грција, по децении излегува од сенка и одново ѝ се претставува на меѓународната публика, благодарение на професорката по историја и теорија на филм и телевизија и заменик-претседателка на Катедрата за филм при солунскиот Универзитет „Аристотел“, Бети Какламаниду која со реставрација му даде втор живот на делото, а в четврток филмот ќе биде прикажан и во Скопје во рамките на Фестивалот на грчки филм.
Професорката која стои зад повторното откривање на пионерката на грчката кинематографија во интервју за МИА вели дека големите филмски дела никогаш не се изгубени, само чекаат повторно да бидат откриени и детално говори за идејата и реализацијата на реставрација на филмот „Ева“ од 1953 година, во режија на Марија Плита (1915 – 2006).
Светската премиера на филмот се одржа на 18 мај 2026 година, а „Ева“ стана првиот реставриран грчки филм прикажан на Канскиот филмски фестивал во програмата „Кан класици“.
– Делото, кое со децении остана во сенка, сега се враќа за да се сретне со нови гледачи, да поттикне дијалог за местото на жените во филмската историја и да нè потсети дека големите уметнички дела никогаш не се навистина изгубени – понекогаш, тие едноставно чекаат повторно да бидат откриени, вели Какламаниду.
Реставрираната верзија на филмот ќе биде прикажана на 26 ноември во рамките на петтото издание на Фестивалот на грчки филм што ќе се одржи во Кинотеката во Скопје под мотото „Женскиот поглед: Филм по нејзина мерка“.
– Прикажувањето на „Ева“ во Скопје, во рамките на Фестивалот на грчкиот филм, претставува уште една значајна пресвртница на патот на филмот кон меѓународната публика, нагласува професорката.
Какламаниду в четврток доаѓа во Скопје и ќе учествува и на панел-дискусија посветена на „Жените, Балканот и филмската уметност“ заедно со наши истакнати филмски авторки и академски работнички.
– Овој панел ни дава можност да ги споделиме искуствата од Грција и Северна Македонија и да размислиме за тоа како жените ја обликувале кинематографијата на Балканот. Ваквите разговори можат да придонесат за поголема видливост на женското творештво и да отворат нови можности за прекугранична соработка, посочува Какламаниду.
Во интервјуто за МИА, професорката зборува за творечкото наследство на Марија Плита, извонредниот пат на филмот „Ева“ и за тоа зошто историјата на грчката кинематографија треба одново да се напише, со цел на занемарените филмски авторки да им се даде заслуженото место.

Реставрацијата на филмот „Ева“ и неговото прикажување на Канскиот филмски фестивал во програмата „Кан класици“ (Cannes Classics) претставуваа историски момент за грчката кинематографија. Како започна проектот и што придонесе за неговото меѓународно признание?
– Сè започна речиси спонтано во мај 2024 година, во Кан. Додека присуствував на проекција на „Кан класици“ помислив дека филмот „Ева“ на Марија Плита заслужува да биде прикажан таму. Следниот ден ја споделив идејата со директорот на секцијата, Жералд Душусоа, кој ме охрабри да побарам финансиска поддршка и да го пријавам за учество.
Она што следуваше беше двегодишен напор што опфати обемно истражување, контакти со институции и собирање финансиски средства. Нашата соработка со Кинотеката во Болоња (Cineteca di Bologna) и Светскиот филмски проект на Фондацијата „Филм“ на Мартин Скорсезе (The Film Foundation’s World Cinema Project) се покажа како клучна. Реставрацијата официјално започна во февруари 2026 година, во лабораторијата „Л имаџине ритровата“ (L’Immagine Ritrovata) во Болоња, со финансиска поддршка од Фондацијата „Хобсон/Лукас“ (Hobson/Lucas Family Foundation).
Светската премиера се одржа на 18 мај 2026 година, а „Ева“ стана првиот реставриран грчки филм прикажан во „Кан класици“. Реставрацијата исто така обнови и 11 минути филмски материјал што не бил прикажуван уште од 1953 година.
Што е тоа што филмот „Ева“ го прави толку посебен за времето во кое е создаден? Зошто сметате дека Марија Плита била филмска режисерка пред своето време?
– Создаден во 1953 година, филмот „Ева“ се издвојува од повеќето грчки филмови од тоа време. Во ера на доминација на патријархалните вредности, Плита создава бунтовна и решителна хероина, која слободно ги следи сопствените желби. Ева одбива да им дозволи на другите да ѝ диктираат како да го живее својот живот. Таа отворено ја изразува својата сексуалност и им пркоси на општествените конвенции.
Филмот, исто така, содржи елементи на раниот филмски модернизам: отворен наратив, двосмислен крај, тишини, меланхолија и ликови кои не можат лесно да се категоризираат.
Најважно е дека Плита не ја казнува својата хероина поради нејзината независност. Напротив, ѝ дозволува да ја задржи контролата врз сопствените избори. Ова било исклучително прогресивно за 1953 година, а во значителна мера такво останува и денес.

Како го објаснувате фактот што една толку значајна филмска режисерка, првата жена режисер во Грција, останала речиси непозната со децении?
– Сметам дека отсуството на Марија Плита од официјалната историја на грчката кинематографија е одраз на подлабоката родова нееднаквост. Филмската историографија традиционално се фокусирала на машки фигури, додека жените филмски авторки често биле ставани на споредни позиции.
Сепак, историските докази покажуваат дека Плита била препознаена личност во своето време и дека нејзините филмови предизвикувале и позитивни и негативни реакции кај критичарите. Од 2021 година, нашето истражување опфаќа собирање архивски материјали, натписи во медиумите, сценарија и лични сведоштва, со цел да се реконструираат нејзиниот живот и творештво. Ова истражување продолжува во рамките на проектот „Непознатата кинематографија на Плита“ (Plyta’s Unknown Cinema), финансиран од Грчката фондација за истражување и иновации (HFRI).
Реставрирањето на еден филм не е доволно; исто така мора да се реставрира местото на неговиот креатор во историјата. Наративите за грчката кинематографија што сме ги наследиле треба одново да се разгледаат, документираат и прошират, за да вклучат уметници и дела што биле занемарени. Историјата не е фиксна. Хуманистичките науки имаат одговорност континуирано да ја преиспитуваат.

Што претставува овој втор живот на „Ева“ и што е следно во процесот на повторното откривање на Марија Плита и грчкото филмско наследство?
– „Ева“ веќе го започна својот втор живот. По прикажувањата на значајни меѓународни настани, меѓу кои и Канскиот филмски фестивал и фестивалот „Il Cinema Ritrovato“ во Болоња, филмот е избран и за учество на други фестивали. Мојата главна грижа, сепак, не е само неговото меѓународно признание, туку и неговото вистинско вклучување во канонот на грчката кинематографија.
Марија Плита режирала вкупно 17 филмови и сите од нив заслужуваат систематско проучување и понатамошна реставрација. Исто така, мора да ги бараме другите заборавени жени режисерки и да ги вратиме изгубените дела од грчката кинематографија. Плита била жена која му се спротивставувала на патријархатот и го обликувала сопствениот живот според своите убедувања, слично како хероината во нејзиниот филм. Ја заборавивме, но имаме одговорност да ја паметиме – не само за да го признаеме нејзиното уметничко наследство, туку и за да им пренесеме на идните генерации поцелосна историја на грчката кинематографија.
Прикажувањето на „Ева“ во Скопје, во рамките на Фестивалот на грчкиот филм, претставува уште една значајна пресвртница на патот на филмот кон меѓународната публика. Делото, кое со децении остана во сенка, сега се враќа за да се сретне со нови гледачи, да поттикне дијалог за местото на жените во филмската историја и да нè потсети дека големите уметнички дела никогаш не се навистина изгубени – понекогаш, тие едноставно чекаат повторно да бидат откриени.

Доаѓате во Скопје и на 26 ноември ќе учествувате на панел-дискусијата „Жените, Балканот и филмската уметност“. Што значи оваа иницијатива за вас?
– Многу ми е драго што ќе имам можност да учествувам заедно со толку истакнати филмски авторки и академски работнички од Северна Македонија, како што се Марија Апчевска, Ана Опачиќ и Косара Митиќ. Овој панел ни дава можност да ги споделиме искуствата од Грција и Северна Македонија и да размислиме за тоа како жените ја обликувале кинематографијата на Балканот. Ваквите разговори можат да придонесат за поголема видливост на женското творештво и да отворат нови можности за прекугранична соработка. (Сања Ристовска)