Граѓанска непослушност ја „блокира“ Албанија три часа
Во Албанија продолжува граѓанската непослушност објавена од опозициските демократи, во чии рамки вечерва пратеници, членови и поддржувачи, 3 часа блокираа 6 главни национални патни правци од северниот до јужниот дел на земјата.
Вечерашната активност е продолжение на протестите на опозицијата што ги одржа по изречената едногодишна затворска казна на пратеникот Ервин Салиањи, што го сметаат за „политички мотивиран за уништување на опозицијата“.
Како и на претходните протести и вечерва побараа „заминување на Еди Рама и формирање техничка влада“.
-Илјадници револтирани граѓани доброволно излегоа за да го изразат незадоволството од тешката ситуација во која се наоѓа земјата, уништената економија, сиромаштијата, принудат да ја напуштаат Албанија, политичкиот затвор на Сали Бериша што ги крши сите европски начела, рече Тритан Шеху.
Полицијата често апелираше, преку мегафони, да не се попречува одвивањето на сообраќајот, потсетувајќи дека за оние кои блокираат според кривичниот законик предвидува казна затвор од 3 години.
Пропуштени беа само возилата за брза помош а онаму каде што имаше можност полицијата ги пренасочување возилата по споредни патишта.
Во обезбедувањето на редот и безбедноста беа ангажирани над 1200 полициски службеници, како и припадници на специјалните единици. На сите места имаше и цистерни со вода во случај на потреба од водни топови, како и противпожарни возила.
Најавени како мирни собирања, сепак на неколку места имаше судир на полицијата и учесниците, како и палење гуми.
Пратеникот Фљамур Нока, кој е поранешен министер за внатрешни работи, беше на блокадата во Тирана и според медиумите бил најагресивен.
По судирот со полицијата, обвини дека учесниците се провоцираат од полицијата по наредба на Еди Рама.
-Како што гледате еден мирен протест се провоцира од наркополицијата. Го повикувам внукот на Енвер Хоџа, султанот од Сурел (Еди Рама), го повикувам лидерот на криминална организација да и нареди на наркополицијата да престане со провокации, во спротивно дестинацијата на граѓаните ќе биде Сурел (место каде што живее Рама), изјави Нока.
Освен во Тирана тензична ситуација имало и во Елбасан и Рогожина.