Граѓаните се загрижени по инцидентот со знамето и пукањето од „калашников“, велат од СДСМ
Генералниот секретар на СДСМ, Александар Димитриевиќ, во изјава за „Слободен печат“, најостро ги осуди вчерашните инциденти предизвикани од одредени поединци, кои со своите постапки ги нарушија државните симболи.
„Граѓаните се со право вознемирени, денеска на скопските улици и на улиците низ цела држава граѓаните не се чувствуваат безбедно, затоа што ако тие што треба да нѐ штитат и тие што треба да го воспостават редот на одредени настани и да ја направат целата организација, вчера видовме како го направија тоа. Вчера имаше еден тотален хаос“, рече Димитриевиќ.
„СДСМ најостро го осудува она што се случи вчера. Таков чин на сквернавење на македонското знаме и пукање со ‘калашникови’, понижувања низ улиците на Скопје и низ цела држава е апсолутно недозволиво за една држава. Вчера видовме едно тотално задоцнување на институциите“, рече Димитријевиќ, во изјава за Слободен печат.
Организацискиот секретар на СДСМ, Мартин Костовски, пак изјави дека дека јавноста очекувала министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, да си поднесе оставка и да биде разрешен директорот на БЈБ, Александар Јанев, како и началникот на СВР Скопје, Сашо Топаловски. Костовски нагласи дека Тошковски, наместо одговорност, на прес-конференцијата рече дека полицијата одговорила соодветно и навремено.
При тоа праша зошто МВР дозволило вакво понижување на Македонците и македонската држава; зошто не се приведени оние кои пукале од огнено оружје во центарот на Скопје, затоа што тоа е закана за безбедноста на граѓаните.
„Факт е дека Тошковски и МВР беа целосно во бунило за она што се случи вчера, без воопшто да бидат фактор на стабилност во тие критични моменти. Лесно можеше да се случи да имаме жртви, а тоа можело да се превенира ако МВР имале навремени информации и постапеле превентивно“.
СДСМ апелира граѓаните да останат смирени и да не подлегнуваат на провокациите.