Граѓаните и сега можат да ги проверат своите податоци во Избирачкиот список
Граѓаните со право на глас кои сакаат да се изјаснат на локалните избори закажани за 17 октомври, своите податоци во Избирачкиот список ќе можат да гиг проверат уште сега преку веб-страната на Државната изборна комисија (ДИК) – www.sec.mk или на https://izbirackispisok.gov.mk/.
Официјално, јавниот увид на Избирачкиот список за изборите ќе започне на 21 август и ќе трае до 9 септември. Тогаш ДИК на увид ќе ја стави новата состојба на податоци на Избирачкиот список, што ќе се користи на денот на изборите.
Во овој рок граѓаните барањето за запишување, бришење или дополнување во Избирачкиот список треба да го достават писмено до подрачните единици или канцеларии на ДИК или електронски да се обратат до Комисијата и притоа да достават соодветни докази.
Рокот за закучување на Избирачкиот список со сите промени, како од граѓаните така и од политичките партии е 24 септември, додека Избирачкиот список финално треба да биде потпишан до 1 октомври.
На локалните избори годинава за првпат за проверка на идентитетот на граѓаните ќе се применат систем и терминали за вчитување на отпечатоци од прсти. МВР на 8 август до ДИК ги достави податоците на граѓаните, вклучително и отпечатоците од прсти, со што го испочитува законскиот рок од 48 часа по распишување на локалните избори, предвиден во Изборниот законик.
Во однос на роковите, на 16 август започнува собирањето потписи на избирачите во постапката на кандидирање пред службените лица на ДИК и пред надлежен нотар на образец утврден од ДИК.
Подносителот на листа определува пред кои нотари ќе се собираат потписи и за тоа ја известува ДИК, која на својата интернет страна објавува листа на нотари пред кои подносителите на листа собираат потписи. Трошоците за собирање на потписи пред нотар ги сноси подносителот на листата. Секој избирач својот потпис може да го даде за повеќе листи на кандидат за градоначалник. Избирачите кои ја поднесуваат листата треба да имаат избирачко право и постојано живеалиште на подрачјето на општината. Собирањето потписи започнува на 16 август, а завршува на 30 август до 24:00 часот.
Кога подносител на листа на кандидат за градоначалник е група избирачи, потребно е да се соберат во општината до 10.000 жители најмалку 100 потписи од запишаните избирачи во изводот од Избирачкиот список за општината, во општината од 10.001 до 30.000 жители најмалку 150 потписи од запишаните избирачи во изводот од Избирачкиот список за општината, во општината од 30.001 до 50.000 жители најмалку 250 потписи од запишаните избирачи во изводот од Избирачкиот список за општината, во општината од 50.001 до 100.000 жители најмалку 350 потписи од запишаните избирачи во изводот од Избирачкиот список за општината, во општината над 100.001 жители најмалку 450 потписи од запишаните избирачи во изводот од Избирачкиот список за општината и во градот Скопје најмалку 1.000 потписи од запишаните избирачи во изводот од Избирачкиот список на подрачјето на градот Скопје.
Листите на кандидати за членови на советот и листата на кандидат за градоначалник на општината, овластените претставници на предлагачите ги доставуваат до ОИК.
Листите на кандидати за членови на советот на градот Скопје и листата на кандидат за градоначалник на градот Скопје, овластените претставници на предлагачите ги доставуваат до избирачките комисии на Градот Скопје најдоцна на 11 септември, до 24:00 часот- 35 дена пред денот на одржување на изборите.