Граѓаните да не складираат горива во канистери, тоа е опасно
Набавката на гориво во буриња, канистри, канти и други садови е опасно по животот на луѓето, како и загадувањето на околината
„Макпетрол“ уверува дека горива има доволно, а повикуваат граѓаните да не складираат во канистри, буриња и канти, што е несоодветно и спротивно на законите.
„Поради новонастанатата глобално-политичка ситуација, како резултат на која што има неколкукратно зголемување на цените на сите нафтени деривати, компаниите што се дел од оваа економска гранка се наоѓаат во исклучително тешка ситуација, што подразбира и работа со загуба.
Имајќи ја во предвид долгогодишната традиција и професионални капацитети, компанијата и во овие особено тешки и комплексни услови ќе продолжи да работи без застој и рестрикции, со цел и граѓаните и компаниите без проблеми да функционираат.
„Макпетрол“, сепак, потсетува дека набавката на гориво во буриња, канистри, канти и други садови е спротивно на законските реулативи, бидејќи несоодветното складирање и чување на горивата може да предизвика опасни ситуации по животот на луѓето, како и загадување на околината“, соопштија од компанијата.
Вчера попладне, бенизнските во земјава беа закрчени од возила, затоа што сите се обидуваа да стигнат до литар повеќе гориво, откако се прошири лажна информација дека горива ќе нема, а цената вртоглаво ќе расте.
И од Регулаторната комисија за енергетика и од министерството за економија повикаа на разомност на граѓаните, уверувајќи дека горива има доволно.
Денеска, и од Владата соопштија дека има доволно резерви горива.
Владата апелира дел од трговците на мало со нафтени деривати да не ја ограничуваат количината, односно сумата до која го продаваат горивото што се точи во автомобилите, а потрошувачите да не чекаат во колони на бензинските пумпи и да не прават залихи од гориво поради безбедносни причини.
Од владиниот кабинет повторно информираат граѓаните да бидат смирени, бидејќи, како што велат, државата има доволна количина на житарици во стоковните резерви. Како што информира и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во домашните млинови има залиха од 45.000 тони пченица, количини кои се доволни за потребите на домашниот пазар до следната реколта.
Ваквата состојба не беше само кај нас. Регионалните медиуми јавуваа дека слича е ситуацијата и во Србија, како ии во Босна и Херцеговина, каде повеќе медиуми јавиле дека енормно ќе се зголеми цената на горивата, од денеска, што не се случи.(Н.В)