Граѓаните да не креваат паника за една мртва птица
Агенцијата за храна и ветеринарство апелира до јавноста да не се создава непотребна загриженост при појава на поединечна угината птица во урбана средина, вклучително и гаврани и други диви преселни птици.
„Особено внимание треба да се посвети доколку се забележи поголем број угинати гаврани или други диви преселни птици на исто подрачје и во краток временски период. Граѓаните кои ќе забележат ваква невообичаена појава се повикуваат да ја известат надлежната служба и да избегнуваат директен контакт, допирање или преместување на угинатите птици“, соопштува АХВ.
Агенцијата вели дека континуирано ја следи состојбата и согласно проценката на ризикот, ги презема потребните мерки за надзор, земање примероци и лабораториско испитување.
Ваквото сооопштение доаѓа откако Министерот за здравство Сашо Клековски ги повика граѓаните да ја известат АХВ доколку пронајдат угината дива птица, особено гавран, бидејќи, како што кажа, тие може да бидат носители на западнонилскиот вирус.
Агенцијата денеска соопшти и дека во просториите на Министерството за здравство, под покровителство на министерот за здравство Сашо Клековски, се одржал координативен состанок за актуелната состојба со болеста Западнонилската треска.
Средбата се одржала во духот на концептот „Едно здравје“ (One Health) – пристап кој, велат оттаму, ја препознава тесната поврзаност меѓу здравјето на луѓето, здравјето на животните и животната средина.
„Западнонилската треска е јасен пример за потребата од ваков интегриран пристап. Вирусот природно циркулира меѓу птиците и комарците, а преку убод од заразен комарец може да се пренесе на луѓето и животните, особено коњите. Токму затоа, ефикасната превенција и контрола бараат заедничко и координирано дејствување на здравствениот, ветеринарниот и локалниот сектор, како и следење на факторите од животната средина. На состанокот беше направен заеднички пресек на состојбата и досега преземените активности, со цел усогласување на конкретните оперативни мерки, рокови и одговорности на секоја институција за следниот период“, соопштија од Агенцијата.
Пристапот „Едно здравје“, дополнуваат оттаму, значи една заедничка цел – навремено препознавање на ризиците, превенција и заштита на здравјето на населението преку координирана грижа за луѓето, животните и животната средина.