„Градски паркинг“ ќе бара 5 милиони денари за монтажни паркинзи

Според извештајот од работењето на ЈП „Градски паркинг“ за 2022 година, претпријатието лани остварило приходи во износ од 222.873.110 денари, кои, во споредба со 2021 година кога имало приходи во износ од 210.973,622 денари, се зголемени за 11.899.488 денари или за 5,64 проценти. Во 2022 година, ЈП „Градски паркинг“ имало расходи во износ од 235.890.780 денари, додека во 2021 година имало помалку, и тоа 209.548.286 денари.
Градските советници на седницата в четврток ќе расправаат и за одлуката за давање субвенции на јавното претпријатие „Градски паркинг“ од страна на Град Скопје, во износ од 5.000.000 денари. Според одлуката, овие средства ќе бидат наменети за проектирање и за изведба на монтажни паркинзи.
Според образложението на одлуката, со порастот на бројот на возила, потребата за паркирање е поголема и постојано се зголемува.
– Градските центри се гушат, а паркирањето на зелените површини и на тротоарите е редовна појава. Решението е во обезбедувањето посебни простори (привремени или трајни објекти – надземни и подземни) наменети исклучиво за паркирање. Привремените паркиралишта се градат најчесто како привремени објекти, таму каде што ќе се оцени дека има потреба за тоа. Привремените паркиралишта претставуваат челични монтажно-демонтажни модуларни еднокатни конструкции со кои се зголемува т.е. удвојува расположливиот паркинг-простор, а, од друга страна, се намалува времето потребно за барање слободно паркинг-место, што влијае на намалувањето на загадувањето и на зачувувањето на околината. Нивната основна предност е што, по истекот на предвидениот период на користење, може да се демонтираат и повторно да се монтираат на друга локација. Монтажата со примена на стандардизирани челични елементи и унифицирани монтажни врски, по правило, е брза, едноставна и практична – се наведува во образложението на одлуката.