Горјан Ѓорѓиев, академски сликар: Се чувствувам како минотаур заглавен во лавиринт
Веќе трета деценија академскиот сликар Горјан Ѓорѓиев (54) твори и преку своите дела пркоси на сè што му претставува пречка во животот и во уметноста. По многубројните изложби што ги има остварено пред домашната и странската публика и критика, на ред е уште едно невообичаено претставување со кое повторно излегува од „правилата“.
На 18 мај во Националната галерија „Мала станица“ ќе ја реализира својата 17. самостојна изложба на која целодневно ќе работи врз осум платна на кои ќе се обиде да ја прикаже страста на бикот. Дијагонално ќе бидат поставени уште две негови поставки работени од 2018 и 2019 година.
Кој сте вие?
Јас сум високо човечко тело со сите програмски инсталации, вера, стандарди и правилник на однесување. Но имам ерор на целиот тој систем, не сум во склад со многу земни правила на размислување.
Зошто бик?
Се поистоветувам со минотаур заглавен во матрицата на лавиринтот, моќно суштество кое пркоси на сè што е наметнато. Знае дека целата борба е без надеж за победа но продолжува пркосно до крајот.
За изложбата на 18 мај?
Тоа ќе биде интересен момент, јас го замислив како сексуален момент. Ја мислам, и се палам на неа (изложбата), и дента ќе ја имам… дента ќе ги наполнам платната со биковска страст.
Како ќе тече настанот?
Во мугрите ќе влезам во горните галерии на „Мала станица“ – Национална галерија. Со целата енергија што ја акумулирав во повеќедневната сликарска апстиненција ќе ги поставам осумте платна со тематика: „Бикот и неговиот непокор“, всушност јас и моето пркосење.
Ќе ги сликам цел ден… љубопитните ќе можат да дојдат и да присуствуваат. Сигурно ќе грми јака музика за да ми даде доволно адреналин, и не ќе можам да комуницирам.
Вечерта делата ќе бидат врамени и обесени, заедно со некои дела работени 2018 и 2019 година, ќе има некоја арт дијагонала на ад хок ликовен настан и дела со ангелска тематика и уште нешто.
Изложбата ќе ја отвори историчарот доктор Кирил Пенушлиски и ќе трае околу 9 дена.
Убавина?
Постоењето во времето и светлост осознаена од темнината… контраст на целокупноста зачинета со убава уметност.
Смислата на животот… уметноста?
Јинг да измислувам во приложената матрица, сè додека не се отелотвори автентичен момент и творба која ќе го оправда моето постоење. А јанг и нема смисла, исто како сонот го има и нема само асоцијација, слично на мојата уметност, асоцијација на себство.
Објаснување на вашето сликарство.
Сликањето е состојба на моето битие… Сликањето е самооткритие во целосен мрак. Секој добар уметник ќе го наслика тоа што е самиот тој, тоа што го носи во себе за да го просветли, а некои репродуцираат и тоа е само подобра или полоша мајсторија и изведба на приложената матрица.
Имам тенденција на сликање работи кои ми се вртат во глава како расипана плоча – бикови, ангели, трубачи, сакам и успевам да ги претставам од своја перспектива која зрачи со многу мистична моќ. Да ги навлечам гледачите на својата порака и убавина. Начинот на работа е итен, навидум спонтан, но бара голем подвиг (внатрешна сила) и концентрација.
Понекогаш го уништувам она што сум го започнал претходниот ден бидејќи сум се нашол во нова состојба и почнувам повторно и во склад на моментот. Тешко одлучувам дека сликата е завршена, понекогаш дури и со години подоцна проверувам дали е жива, а со тоа и завршена.
Уверен сум дека тоа што го правам е уметност со капитална вредност. Бидејќи секоја слика е скината страница од трепетот на животот, иако е апстрахиран, зрачи и дава голема сила и елан.
Нешто од минатото?
Тешко ми паѓа да гледам наназад, всушност, воопшто не гледам… на пример, не ги гледам фотографиите од младоста, старите интервјуа, минатото за мене како да не постои, има само сегашност и обоена иднина. Kако студент немав платно, моите чаршафи ги користев за сликање, а потоа ако продадев нешто купував бои и платна… Не беше лесно да се излезе од тој маѓепсан круг на недоволно средства за исполнување на своите идеи. Но сепак… малку сум контрадикторен. Кога ќе го погледнеш од поголема дистанца, животот е добра или лоша слика која за да биде интересна мора да ги има сите атрибути на едно добро уметничко дело.
Во што верувате?
Верувам дека сум добар. Верувам во сегашниот момент – „во рускиот рулет“ или во емоциите на страст што ги доживувам кога работам, во она што го пренесувам на платното.
Политиката?
Политиканства не ме интересираат освен на информативно ниво, колку да не сум паднат од Марс. На некаков начин сите сме амбиентални заложници, некој е во средината на љубовта, семејството, работата, некој во политиката, интригите и парите, јас секако не сум во последново.
Системот на човештвото е во спротивност на универзумот на слободата, уметноста е добра алтернатива за некој вид виртуелен живот.
Визија за светот?
Создадовме бомби кои можат да ја разнесат планетата илјада пати. Исфрливме ѓубре за цел сончев систем и семе на гнев за цел Млечен Пат… и пак јас не сум песимист, мојот темперамент е секогаш чудно оптимистички. (И.Н.)