Горивата поскапуваат од половина до еден денар по литар


Фото: Б. Грданоски

Малопродажните цени на ЕУРОСУПЕР БС-95 и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) од ноќеска на полноќ се зголемуваат за половина, а на ЕУРОСУПЕР БС-98 за еден денар за литар, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ). Со одлуката се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,53 отсто.

Новата малопродажна цена на ЕУРОСУПЕР БС – 95 е 76,5 денари за литар, ЕУРОСУПЕР БС – 98 ќе се продава за 79, а ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) за 70,5 денари за литар. Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) не се менува и останува 69,5 денари за литар.

Со одлуката на РКЕ за 0,01 денар за килограм се намалува и малопродажната цена на Мазутот М-1 НС и ќе изнесува 45,765 денари.

Од РКЕ посочуваат дека референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување кај бензините во просек:за 2,663 отсто, кај дизелот за 0,726 и кај мазутот за 0,145 отсто,  додека кај екстра лесното масло има намалување за 0,975 отсто. Курсот на денарот во однос на доларот во споредба со претходната пресметка е понизок за 0,1387 отсто.