Гордана Сиљановска-Давкова: Како да бидеш претседател со стил во Париз?
Јавноста тука и во светот знае да биде немилосрдна, да ве осуди за лош стил, но и за премногу брендирана и скапа облека
Како да бидеш дипломат со изгледот во Париз, светската престолнина на високата мода, каде елеганцијата се учи од мали нозе и каде стилот е нормален стандард на живеење, без разлика на генерацијата, и професијата? Особено на настани од висок политички профил, на панел или на свечена вечера кај претседателот кои подлежат на формален дрес-код?
Првата жена претседател на С Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова и нејзиниот кабинет, сигурно си го поставуваат ова прашање на секое патување надвор од земјата, каде се среќава со дами од високото друштво, први дами и сопруги на претседатели кои важат за најдобро облечени на светските стилски листи, секогаш во луксузни брендови.
Државата се претставува и со стилот на облеката, не само со она што го зборувате на говорница, секој моден гаф како несоодветен збор може скапо да чини зашто вие сте репрезент на нацијата дома и во светот. Добар и соодветен изглед никогаш не одмогнал, туку може да помогне и да донесе екстра политички поени.
Јавноста тука и во светот знае да биде немилосрдна, да ве осуди за лош стил, но и за премногу брендирана и скапа облека. Компромисот и дипломатијата во водењето преговори се важни и за стилот на политичарите и претседателите.

Гордана Сиљановска- Давкова деновиве во бордо го освојува Париз. На сесијата посветена на младите и европската перспектива на Балканот, на осмиот Париски мировен форум, се обрати во стилизиран бордо комплет од свила , сакото во живи бои, рачна изработка и необични бордо кратки чизмички.

На вечерата со претседателот Емануел Макрон и првата дама, Брижит Макрон, избра кадифен комплет во иста, бордо нијанса, со шамија и брош и соодветни свечени салонки. Ако бараме влакно во јајцето, би избрале тенки хулахопки во нјуд нијанса отколку црни, иако визуелно црните не се лош избор, ама даваат погруб тон на целата силуета.

Не е лесен избор, ако застанете до првата дама на Франција, Брижит Макрон, чија минималистичката гардероба се смета за стандард за француска-шик естетика. Повеќето од чевлите на француската прва дама се од Луј Витон, кој е еден од нејзините омилени брендови . Освен чизмите до глужд, таа може да се види и во шпицасти салонки и спортски патики во слични шик бои. Макрон често носи блејзери, фустани и панталони, како и тесни фармерки и панталони и кратки здолништа, во остри неутрални тонови. За свечени прилики, таа носи елегантни фустани со минимални украси, а повеќето се од француските етикети како Alaïa, Alexandre Vauthier и Dior.
Факт е дека првата дама на Франција ( исто годиште со Силјановска-Давкова) има посебен стил, кој наиде на одобрување и воодушевување кај светската јавност. Од Карла Бруни до сега не се зборувало толку многу за прва дама на Франција.
Универзитетската професорка Давкова, откако стана претседател, е под лупа на јавноста и со својот изглед кој пополека го откриваме на средбите во претседателската вила на Водно, летово, во Горица, во Охрид или на гала настани во Скопје. Не робува на една боја, ќе ја видиме во гардероба во бела, сина, зелена, розова боја… Во фустани, здолниште, стилизирани пантолони… Кројот некогаш е строг , а некогаш полежерен. Чевлите, очигледно и се моден фестиш, а единствена константа и е ѓерданот како моден додаток, најчесто од бисери. Косата секогаш и е исфенирана, шминката дискретна. Не е лошо, но секогаш може и подобро.