Горан Јандреоски нов член на Надзорниот одбор на М-НАВ
Во државното друштво за контрола на летање, М-НАВ, сменети се членови на Надзорниот одбор.
Како акционерско друштво поседувано од државата, АД во државна сопственост за вршење на дејноста давање на услуги во воздухопловната навигација М-НАВ, ја информира инвеститорската јавност преку Берзата дека, со одлука на Владата, а која всушност има важност како одлука на Собрание на акционери на одредено акционерско друштво, отповикани од должноста се Димитар Џеков и Едмонд Калиќи – независен и предложен од синдикалната организација, а за нови членови на Надзорниот одбор се именувани Горан Јандреоски и Милорад Милановиќ, независен член и предложен од синдикалната организација.
Како што известуваат од ова државно АД, Надзорниот одбор на М-НАВ сега го сочинуваат Кристијан Михајлоски, Горан Јандреоски и Милорад Милановиќ.
Јандреоски пред М-НАВ, во 2022 година, беше Извршен директор на Аеродромите на Црна Гора. Истата година беше именуван за член на Одборот на директори на Меѓународното здружение на раководители на аеродроми во светот (IAAE).
Пред да стапи на оваа функција, Јандреоски беше директор на Управата за цивилно воздухопловство во Македонија, како и на високи раководни позиции на аеродромот во Скопје. Дипломирал на Факултетот за електротехника и информациски технологии на Универзитетот Св. “Кирил и Методиј” во Скопје, каде и магистрал во областа на елетротехниката и информациските технологии, а во 2013 година завршил и МБА за воздухопловство на Универзитетот Дунав во Кремс – Австрија. Во 2014 година бил назначен да работи на проектот за Загрепскиот меѓународен аеродром, во делот на имплементацијата на аеродромскиот систем за светлосна сигнализација на полетно-слетна патека.