Голем пожар во Лондон во близина на централната железничка станица (Фото, видео)


Голем пожар избувна во близина на централната лондонска железничка станица „Elephant & Castle“, при што над главниот град на Велика Британија се надвиснаа огромни облаци црн чад, јави АП .

Лондонската противпожарна бригада соопшти дека 15 противпожарни возила и 100 пожарникари се борат со пожарот на железничките лакови во близина на станицата, што е јужно од реката Темза и во близина на некои големи знаменитости во Лондон, вклучувајќи го и „Лондонското око“.

Противпожарната бригада соопшти дека трите комерцијални единици под лаковите на железницата се целосно во пламен, а четири автомобили и телефонски штанд во близина на станицата исто така се запалени.

Исто така, ги повика луѓето да ја избегнуваат областа и да ги затворат сите врати и прозорци.

„Elephant & Castle“ е прометна сообраќајна раскрсница. Исто така, тоа е голем железнички центар, во кој е и прометна метро станица на Северната линија, како и надземни возови што ги поврзуваат јужен Лондон и северен Лондон.

Локалната полиција соопшти дека за сега инцидентот не го третира како тероризам.

Преплашените граѓани објавија шокантни слики на социјалните мрежи, велејќи дека ги „проголтал“ црниот чад.

Патниците веднаш биле евакуирани од станицата откако избувнал пожарот. Засега е непознато дали има повредени во пожарот.

Според непотврдени информации пожарот избувнал во автомобилскиот сервис под станицата.