Голем пожар во јужна Франција, се евакуираат кампови со туристи, ангажирани 500 пожарникари


Голем број пожарникари ги гаснат пожарите на југот на Франција, што доведе до евакуација на неколку кампови со многу туристи, јави ДПА.

„Голем пожар има во провинцијата Пиринеи-Ориентали“, изјави министерот за внатрешни работи Гералд Дарманин, кој ги повика населението и туристите да бидат крајно внимателни.

Распоредена е противпожарна бригада со 13 авиони, три хеликоптери и повеќе од 500 пожарникари.

Пожарите избувнаа вчера меѓу градот Сен-Андре и познатото крајбрежно летувалиште Аржелес-сур-Мер на Средоземното Море, соопштија пожарникарите. Радио станицата Франс Блу, повикувајќи се на локалните власти, јави дека во пожарот се уништени 300 хектари главно ниска вегетација.

Евакуирани се три кампа со бројни туристи, додека пожарот се заканува на некои станбени згради и продавници. Спортската сала е подготвена за сместување на евакуираните. Локацијата на пожарот е западно од градот Перпињан, недалеку од границата со Шпанија.