Голем пожар во Јажинце – патот кон граничниот премин и граничниот премин затворени


Поради пожар во близина на Јажинце затворен за сообраќај е патот Тетово – Јажинце кај село Рогачево, а затворен е и граничниот премин.

-Во 15:15 часот патниот правец Тетово – Јажинце кај село Рогачево сообраќајот е запрен од страна на ПС од БПС Тетово, заради безбедност на возачите поради проширениот пожар во атарот на селата Рогачево и Јажинце, кој е во близина на пат, соопшти попладнево Автомото сојузот на Македонија.

Информацијата ја потврдуваат и од ЦУК и од МВР, од каде појаснуваат оти е затворен и граничниот премин.

Од Центарот за управување со кризи информираат дека директорот Мухамед Али и командантот на Бригадата од лице место ги координираат активностите за спречување на понатамошното ширење на пожарот кој избувнал во Јажинце.

Сите противпожарни екипи од Тетово и две специјализирани возила на Дирекцијата за заштита се на терен и работат на заштита на имотите од огнот.

На пат кон интервенција се и авион „Ер Трактор“ на Дирекцијата за заштита и спасување и хеликоптер на МВР.

Патот кон граничниот премин Јажинце (со Косово) е затворен до понатамошно известување, велат од ЦУК.

Граѓаните се повикуваат да ја избегнуваат областа и да ги ослободат патиштата за возилата на службите за итна интервенција.

За пожарот известување упати и МВР кое вели дека поради пожар во близина на Јажинце, прекинат е сообраќајот на патниот правец Тетово – ГП Јажинце кај село Рогачево, во двата правци, а затворен е и граничниот премин Јажинце. Министерството за внатрешни работи во координација со другите надлежни институции, велат оттаму, презема мерки за гасење на пожарот.

Од МВР апелираат до граѓаните да не тргнуваат кон ГП Јажинце до гасењето на пожарот и нормализирање на сообраќајот, за што соодветно ќе ја информираме јавноста.