Годишно собрание на ЕБРД од 28 јуни до 2 јули, во фокусот животната средина и закрепнување на економиите


Министри и водечки претставници на земјите каде што е активна Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) ќе се сретнат следната недела на Годишното собрание на оваа меѓународна инвестициско-кредитна институција со цел да донесат клучни одлуки за подобрување на животната средина и подобрување на економиите.

Годишниот состанок и деловниот форум на Банката ќе се одржи од 28 јуни до 2 јули, во време кога се одбележува 30-годишен јубилеј на оваа институција, формирана по падот на Берлинскиот ѕид. Од 1991 година, ЕБРД инвестираше 150 милијарди евра за поддршка на процесите на транзиција на 38 земји во кои е активна, на нивниот пат кон одржлива пазарна економија.

ЕБРД најавува дека Банката ќе се префрли од минатогодишната програма за итен одговор на пандемијата со Ковид-19 кон повторно давање долгорочна помош на земјите.

Гувернерите на Банката, претставници на секоја од 71 земја-акционер (покрај ЕУ и Европската инвестициска банка), ќе разговараат за следните чекори за закрепнување од корона кризата, а ЕБРД ќе даде подетални предлози во останатиот период од 2021 година.

Минатата година ЕБРД издвои 11 милијарди евра за закрепнување на економиите во регионот од последиците на Ковид-19.