Годишната награда за архитектура ја добија Искра и Владимир Лековски за црквата „Св. Константин и Елена“
Искра и Владимир Лековски од студиото „Лелелеле“ – Скопје за православниот храм „Св. цар Константин и царица Елена“ во Скопје се добитници на Големата годишна награда за најуспешно реализирано архитектонско дело во 2025 година. Победниците синоќа ги прогласи и им ја врачи наградата претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на Архитектонскиот факултет во Скопје.
Претседателката им честиташе на добитниците и на нивните ментори и истакна дека доделувањето на наградата е значајно за македонското општество, за македонската архитектура и пошироко.
„Денес повеќе од кога било архитектурата е соочена со сериозни предизвици, климатските промени, одржливиот развој, социјалната еднаквост, технолошките трансформации, вештачката интелигенција. Делата кои ги создаваат македонските архитекти, вклучително и оние што ќе ги наградиме вечерва, сигурна сум дека покажуваат и докажуваат дека со знаење, визија, креативност, посветеност и работа идеите можат да се преточат во дела што оживуваат“, нагласи Сиљановска.

Според претседателката, Големата годишна награда за архитектура испраќа порака дека достоинството на архитектонската професија се гради врз креативен и етички идентитет и принцип, професионален интегритет и дигнитет, уметничка смелост и хуманистичка свесност.
Претседателот на Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) Валентино Константиновски рече дека Големата годишна награда на ААМ е престижно признание за најуспешното реализирано архитектонско дело, кое традиционално се доделува од претседателот на државата. Вторпат доделувањето се случува на Архитектонксиот факултет во Скопје со што се испраќа порака за спој на пракса и теорија, која е од пресудно значење за архитектите. Првпат оваа награда е доделена во 1994 година и се работи за традиција повеќе од 30 години.
Претседателот на Комисијата Методи Хаџи-Андов истакна дека ги разледувале следниве трудови – индивидуална станбена куќа во Бардовци, градинка во Делчево, градинка во населба Пролет во Скопје и православниот храм „Св. цар Константин и царица Елена“ во Скопје.
„Наградениот проект е инженерски потфат и храм кој претставува духовна и креативна синтеза на градителските традиционални вредности, но и нов урбан симбол, кој не е агресивен, туку е присутен со тивка доминација“, нагласи Хаџи-Андов. Додаде дека црквата е небо на земјата, средиште и основа на нашиот духовен, молитвен и богослужбен живот.
Наградените одржаа кратка презентација за својот проект и се заблагодарија на отец Партениј од Бигорскиот манастир и нивниот ментор архитект Митко Хаџи Пуља, професор на Архитектонскиот факултет во Скопје.