Годишната инфлација и натаму двоцифрена, пораст на трошоците на живот и во февруари
Највисок пораст на годишно ниво има кај лебот и житата, дури за 39,8 отсто, кај месото за 29,5 отсто, кај млекото сирењето и јајцата за 36,7 отсто, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика
Инфлацијата во февруари во однос на јануари годинава изнесуваше 0,6 отсто, додека во однос на февруари минатата година и натаму е двоцифрена и изнесува 16,7 отсто, покажуваат податоците што денеска ги објави Државниот завод за статистика.
Во самиот врв на зголемени трошоци се најосновните производи, односно храната и безалкохолните пијалаци, каде што индексот во февруари во однос на истиот месец лани е 125,3 што значи дека за една година трошоците за живот биле поголеми за 25,3 отсто. Највисок пораст има кај лебот и житата, дури за 39,8 отсто, кај месото за 29,5 отсто, кај млекото сирењето и јајцата за 36,7 отсто итн.

Пораст на индексите на трошоците на животот во февруари 2023 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај пивото за 5,8 отсто, свежиот и разладениот зеленчук, освен компирите и другите коренести плодови за 4,9 отсто, кафето, чајот, какаото за 2,3 отсто, жестоките пијалаци за 1,4 отсто, прехранбените производи, неспоменати на друго место за 1,3 отсто, лебот и житата за 1,2 отсто, минералната вода, газираните пијалаци, соковите од овошје и зеленчук за 1,0 отсто, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи, виното за 0,9 отсто и месото за 0,7 отсто.

Во февуари, исто така, пораст на индексите на трошоците на животот е забележан и кај средното образование за 14,8 отсто, ветернинарните и другите услуги за домашните миленици за 13,1 отсто, медиумите за снимање за 3,7 отсто, другите медицински производи за 3,3 отсто, чистењето, поправката и изнајмувањето облека за 2,7 отсто, другата облека и додатоците за облека, велосипедите за 2,5 отсто, медицинските услуги, фризерските салони и центрите за разубавување за 2,1 отсто, производите за домаќинството – нетрајни, горивата и мазивата за сопствените превозни средства за 2,0 отсто, собирањето на отпадните води за 1,8 отсто, поправките на мебелот, покуќнината и покривките за подот за 1,6 отсто, другите печатени материјали, другите апарати и производи за лична хигиена за 1,5 отсто и тн .

Намалување на индексите на трошоците на животот во февруари 2023 година, во споредба со претходниот месец, е забележано кај маслото и маснотиите за 1,1 отсто, свежото и разладеното овошје за 0,8 отсто, млекото за 0,4 отсто, рибата и морските плодови за 0,2 отсто.
Исто така, намалување на индексите на трошоците на животот е забележано и кај воздухопловниот патнички транспорт за 5,9 отсто, цврстите горива за домаќинствата за 3,9 отсто, услугите за сместување за 3,0 отсто, течните горива за домаќинствата за 2,.7 отсто, моторните возила за 1,1 отсто и тн.
Индексот на цените на мало во февруари во однос на јануари беше 100.4, а на годишно ниво бележи зголемување од 12,4 отсто.