Годинава и ВМРО-ДПМНЕ ќе го слави Охридскиот договор


На Охридскиот договор никако да му тргне. Откако со години ВМРО-ДПМНЕ ги бојкотираа годишнините со разни изговори, сега ДУИ ќе го прави истото, бојкотирајќи ја прославата што ја организира Изет Меџити како вицепремиер во владата.

Според најавата прославата е поделена на три дела, од кои првиот дел ќе биде панел дискусија, потоа ќе има свечена седница во Владата,  а вечерта ќе се организира официјален прием во Музејот на современа уметност на Македонија. Веста е сепак дека  по сите изговори да не присуствува на вакви настани, ВМРО-ДПМНЕ годинава од позиција на власт ќе учествува во одбележувањето на годишнината иако и натаму опцијата е прославата од една, годинава да прерасне во две приватни журки. 

Според она што се најавува, прославата на Меџити, т.е. на власта ќе почне во Клубот на пратеници со панел дискусија на тема “23 Години од Рамковниот договор, децентрализацијата останува предизвик”, на која покрај вицепремиерот од редовите на Вреди ќе учествува и министерот за локална самоуправа Златко Перински од ВМРО-ДПМНЕ, покрај неколкуте панелисти. Потоа на свечената седница во Владата обраќање ќе има и премиерот Христијан Мицкоски, додека попладнето во Музејот на современата уметност ќе има свечен прием на кој повторно ќе зборува Меџити, а не е најавено дали ќе присуствува и премиерот со другите министри. Арбен Таравари изјави денес дека упатил покана до ДУИ, но тие решиле да имаат приватна прослава.

„Го институционализираме Охридскиот договор. Утре ќе има свечена седница на Владата на која ќе учествува и премиерот, ќе ја отворам средбата и ќе ја продолжам во духот на Охридскиот договор. Ова е израз на почитување на духот на Охридскиот договор. Жалам што се премолчува дека за време на 11-те години од владеењето со Груевски, доколку не се лажам, не успеале да го донесат него ниту на  коктел по повод Охридскиот договор. Едноставно, тој го игнорираше овој државен ден, празник. Али Ахмети и ДУИ не можеа Груевски да го донесат ниту на една свечена средба. Потоа, ќе продолжиме со дипломатскиот хор да го одбележиме демот во Музејот на модерни уметности и тоа ќе биде добар чекор кон духот на Охридскиот договор“, изјави Меџити во интервју за весникот Лајм.   

Минатата година прославата на годишнината на Рамковниот договор се претвори во концерт  кој заврши со антимакедонски сакандирања, а претходно по втор пат беше организирана Школата за млади лидери  и „Peace Forum Dialogue“  со над 80 учесници во Маврово. Оваа, како и прославата во 2020 година беа силно критикувани од опозицијата не само заради присвојувањето на настанот, туку и заради трошењето големи сретства. Чествувањето лани чинеше околу 100 илјади евра, а тендерот, на кој немаше конкуренција, го доби тетовската фирма Арберија дизајн, која во повеќе наврати до сега добиваше разни тендери распишани од Владата или од поединечни министерства.

 Иако ВМРО-ДПМНЕ како партија стои со потпис зад Охридскиот договор, во континуитет го избегнуваа неговото славење.  СДСМ минатата година ги критикуваше дека бегањето од одбележување на  годишнината од Рамковниот договор е тешко политичко лицемерие кое потврдува дека ВМРО-ДПМНЕ сеуште е заглавена во поделбите по етнички линии. Таквиот потег сега би значел политичка штета на Вреди кои им се коалиционен партнер, во ситуација кога реално најголем дел од заслигите околу дпговорот ги има ДУИ а не албанската опозиција.

 Со  Рамковниот договор  беше ставен крај на неколкумесечниот конфликт во земјава во 2001 година. Тој беше потпишан на 13 август 2001 година во претседателската резиденција на Водно во Скопје од страна на тогашниот претседател на државата Борис Трајковски, тогашниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски, како и тогашните лидери на СДСМ, Бранко Црвенковски, на ПДП, Имер Имери и на ДПА, Арбен Џафери. Свои потписи на договорот ставија и специјалните претставници на ЕУ и на САД, Франсоа Леотар и Џејмс Пердју. Во разговорите што започнаа во јули во Скопје, а потоа продолжија во Охрид, беа консултирани повеќе советници и експерти.Повеќе од 130 закони, законски измени и дополнувања се донесени во изминатите години од имплeментацијата на Охридскиот рамковен договор, од кои најголем дел – 59 се закони за недискриминација и правична застапеност, 40 се во сферата на идентитет, култура, образование и децентрализација на власта.За успешна имплементација на договорот, беше формиран Секретаријат за спроведување на Охридскиот рамковен договор, кој во 2019 година се трансформираше во Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците.

Во основните принципи на документот се наведува дека „целосно и безусловно се отфрла употребата на насилство за остварување политички цели.  Само мирни политички решенија можат да ја загарантираат стабилната и демократска иднина на Македонија. Суверенитетот и територијалниот интегритет на Македонија, и унитарниот карактер на државата се неповредливи и мора да се сочуваат. Не постојат територијални решенија за етничките прашања. Мултиетничкиот карактер на македонското општество мора да се сочува и да најде свој одраз во јавниот живот. Една современа демократска држава, во природниот тек на својот развој и созревање, мора постојано да обезбеди нејзиниот Устав целосно да ги исполнува потребите на сите нејзини граѓани во согласност со највисоките меѓународни стандарди, коишто и самите постојано се развиваат. Развојот на локалната самоуправа е од суштествено значење за поттикнување на учеството на граѓаните во демократскиот живот, и за унапредување на почитувањето на идентитетот на заедниците“. (С.Ј.)