Го преместуваат производството од Кина во Белгија, плашејќи се од царините на ЕУ


„Волво“ почна да го преместува производството на електрични возила од Кина во Белгија, во очекување на движењето на Европската унија кое ќе го отежне увозот на возила субвенционирани од Пекинг.

„Волво“, кој е во мнозинска сопственост на кинеската Geely, размислуваше да ја запре продажбата на кинески електрични возила во Европа доколку ЕУ воведе дополнителни царини, објави Тајмс, цитирајќи упатени во компанијата.

Сепак, во извештајот се додава дека преместувањето на производството на електричните модели EX30 и EX90 на Volvo од Кина во Белгија се очекува да го направи овој потег непотребен. Компанијата сега инсистира дека повеќе не размислува да ја прекине продажбата на електрични возила од кинеско производство, пренесува „Мина“.

Во Белгија би можело да се пресели и производството на одредени модели на Volvo наменети за Обединетото Кралство, пишува Тајмс.

Европската комисија, која ја надгледува трговската политика во ЕУ, минатата година започна истрага за тоа дали целосно електричните автомобили произведени во Кина добиваат државни субвенции кои би ги оправдале дополнителните царини.

Истрагата за субвенционирање, официјално започната на 4 октомври минатата година, може да трае до 13 месеци. Комисијата може да наложи привремени обврски за компензација девет месеци по започнувањето на истрагата.

Односите меѓу Кина и ЕУ беа затегнати од различни фактори, вклучително и поблиските врски на Пекинг со Москва по рускиот напад врз Украина.

ЕУ се обидува да ја намали својата зависност од втората по големина економија во светот, особено во однос на материјалите и производите потребни за зелената транзиција.