„Глумците пеат“ на 24 и 25 март во МНТ со македонска музика и нови актерски имиња


„Глумците пеат“ на 24 и 25 март повторно ќе го одбележат Светскиот ден на театарот во Македонскиот народен театар, во 20часот.

Годинава шоуто е посветено на македонската музика од различни периоди – песни што публиката ги знае, но ќе ги слушне во нова актерска интерпретација. Покрај соло изведби, на сцената ќе има и повеќе дуети и групни точки, што носат поинаква динамика и сценска енергија.

На сцената ќе настапат актери од повеќе генерации – со нови имиња кои за првпат ќе бидат дел од проектот, но и со добро познатите што и досега ја кревале публиката на нозе.

Режијата е на Дејан Пројковски, а актерите ќе ги придружува оркестар под диригентска палка на маестро Љупчо Мирковски. Аранжманите се на Бобан Мирковски, кореографијата на Олга Панго, а костимографијата на Марија Пупучевска.

Проектот продолжува како наследство на Марин Бабиќ, кој во 1990-тите го создаде шоуто, а подоцна беше возобновен од неговите ќерки Маја и Ира Бабиќ.

Картите за двата датума се во продажба преку платформата MkTickets.mk.