Глобалниот долг годинава ќе достигне рекордни 72 билиони долари


Глобалниот државен долг ќе се зголеми за 9,5 отсто до рекордни 71,6 билиони долари во 2022 година, а одобрувањата за новите задолжувања исто така се очекува да останат високи, според новото истражување на компанијата за управување со средства „Јанус Хендерсон“.

Во својот втор годишен индекс на државниот долг, објавен денеска, британската компанија за управување со средства предвидува глобален раст на државниот долг од 9,5 отсто, при што најмногу придонесуваат САД, Јапонија и Кина, но се очекува и огромното мнозинство земји да го зголемат задолжувањето, јавува Си-Ен-Би-Си (CNBC).

Глобалниот јавен долг скокна за 7,8 отсто минатата година на 65,4 билиони долари бидејќи сите земји го зголемија задолжувањето, додека трошоците за сервисирање на долгот паднаа на рекордно ниско ниво од 1,01 билиони долари, со ефективна каматна стапка од само 1,6 отсто, се вели во извештајот.

Сепак, трошоците за сервисирање на долгот се очекува значително да се зголемат во 2022 година, за околу 14,5 проценти врз основа на фиксен девизен курс до 1,16 билиони долари.

Обединетото Кралство ќе биде најмногу погодено поради зголемувањето на каматните стапки и влијанието на зголемената инфлација врз значителен дел од британскиот долг индексиран според валутата, како и трошоците поврзани со укинувањето на програмата за квантитативно олеснување на Банката на Англија, пренесува Танјуг.

Пандемијата имаше огромно влијание врз задолжувањето на државите, а последиците ќе продолжат уште некое време.

„Трагедијата во Украина, исто така, веројатно ќе изврши притисок врз западните влади да позајмуваат повеќе за да ги финансираат зголемените трошоци за одбрана“, рече Бетани Пејн, менаџер на глобално портфолио за обврзници во „Јанус Хендерсон“.

Германија веќе најави дека ќе ги зголеми трошоците за одбрана на повеќе од 2,0 отсто од бруто домашниот производ (БДП), како дел од ненадејната промена на политиката по нападот на Русија врз Украина, и ќе додели 100 милијарди евра (110 милијарди долари) на фондот за нивните вооружени сили.

„S&P Global Rating“ во својот извештај објавен во вторникот процени дека новото глобално задолжување на владата ќе се зголеми за 10,4 билиони долари во 2022 година, што е речиси една третина над просекот пред пандемијата Ковид-19.

„Очекуваме задолжувањето да остане високо, поради високите потреби за отплата на долгот, како и поради предизвиците што ги носи пандемијата, високата инфлација и поларизираното општествено и политичко опкружување“, рече Карен Вартапетов, кредитен аналитичар во S&P Global Ratings.

Во извештајот се оценува дека глобалните макроекономски последици од актуелниот конфликт ќе извршат дополнителен притисок врз потребите на државното финансирање, додека построгите монетарни услови ќе ги зголемат трошоците за државното финансирање.

Ова е дополнителна главоболка за земјите кои веќе се борат да го рестартираат растот и да ја намалат зависноста од финансирање во странска валута, а чии каматни записи се веќе значајни.

Се предвидува дека трошоците за позајмување ќе се зголемат во развиените економии, но најверојатно ќе останат на ниво што ќе им даде време на владите да ги консолидираат буџетите и да се фокусираат на реформите за подобрување на растот, се вели во извештајот на S&P.