Гласањето заврши, излезноста до 18,30 часот е 48,34 отсто

Првите резултати од гласањето, иако парцијални, би требало да почнат да се појавуваат околу 21 часот


Фото: Б. Грданоски

 

Гласањето во првиот круг од претседателските избори заврши во 19 часот. Според податоците од веб-страницата на Државната изборна комисија излезноста до 18,30 часот по обработени 82,28 отсто од избирачките места била 48,25 отсто. Или во бројки – 781 илјади граѓани.

Од многу од општините податоците од општинските изборни комисии се нецелосни, а некаде и ги нема воопшто на овој графикон (како од Ресен, Струга, Македонски Брод) па за вистинската бројка на излезноста ќе треба да се причека додека стигнат сите податоци.

Претставниците на партиите веќе почнаа да ги даваат првите изјави за изборниот ден и генерално тој беше оценет како мирен и демократски, но беа наведени некои помали инциденти кои не ја нарушуваат легитимноста на целиот процес. Во Куманово не работеле некои читачи на оптечатоци, на едно избирачко место бил загубен печатот, некаде биле фотографирани гласачките ливчиња по заокружувањето на кандидатот, а некаде биле вршени обиди за поткуп, како поставување на бесплатни водомери во Делчево.

Голема излезност е забележана во речиси сите оптини во Скопје, околу 60 отсто. Висока излезност има и во Битола и Прилеп – околу 55 отсто. Гостивар и тетово се под 40 отсто. Велес е со излезност од 52 отсто.

За еден час би требало да се појавуваат првите резултати од гласањето, зашто некаде почнаа да се отвораат кутиите.

Државната изборна комисија најавува дека првите целосни неофицијални резултати ќе ги има околу полноќ.