Глас, Попер и Чајковски: Ексклузивен концерт под свеќи на Профундис со Петар Пејчиќ


Камерниот оркестар „Профундис“ ќе настапи како дел од оф-програмата на најпрестижниот македонски уметнички фестивал – Охридско лето, која годинава, за првпат, ќе биде претставена пред скопската публика.

Концертот ќе се одржи на 29 ноември, во 20 часот, во големата сала на Македонската филхармонија, во препознатливата candlelight атмосфера, под светлината на илјадници свеќи – амбиент кој ширум светот прерасна во современ симбол за интимно, емотивно и визуелно импресивно музичко искуство.

Овој уникатен концепт, кој обединува минимална светлина и максимална музичка експресија, овозможуваслушателот да се фокусира на секој звук, секој здив на инструментите и секоја суптилна динамика што ја создава ансамблот.


]

„Чест е што Охридско лето токму на Профундис му ја довери премиерата на оф-програмата во Скопје. Верувам дека овој концерт ќе биде посебен не само по атмосферата, туку и по начинот на кој музиката ќе прозвучи – искрено, концентрирано и со длабока намера. Нашата цел е да создадеме простор каде звукот и светлината се во совршен дијалог, а публиката да ја почувствува онаа тивка, но моќна магија што ја прави музиката неповторлива,“ изјави маестра Ѓурѓица Дашиќ, диригент на Профундис.

Особена чест за оркестарот е соработката со ексклузивниот гостин-солист, виолончелистот Петар Пејчиќ, еден од најперспективните млади европски уметници, финалист на престижниот натпревар „Кралица Елизабета“ и солист кој веќе настапува со водечките европски оркестри.
Публиката ќе има можност да ужива во внимателно селектирана програма што ги спојува
контемплативната минималистичка естетика на Филип Глас преку свитата од филмот „The Hours“, драматичната експресивност и виртуозност на Поперовата Унгарска рапсодија оп. 68, како и елеганцијата, духовитоста и романтичната длабочина на Чајковски и неговите Рококо варијации – создавајќи заедно музичка целина исполнета со динамика, суптилна емоција и беспрекорна артистичност, идеална за свечениот candlelight амбиент.
Овој концерт е исклучителна можност скопската публика да го почувствува уметничкиот идентитет на Профундис – оркестар кој со континуирана посветеност, автентичност и висок квалитет го гради своето место на македонската и регионалната музичка сцена.
Камерниот оркестар „Профундис“ е формиран во 2019 година под раководство на диригентката Ѓурѓица Дашиќ. Оркестарот активно ги поддржува македонските изведувачи и композитори, а со своите настапи ги носи светски имиња од класичната музика, кои го збогатуваат неговиот репертоар.
Петар Пејчиќ од Србија е еден од најдобрите млади виолончелисти на својата генерација, кој се издвои со својата изведувачка зрелост и креативност. Роден во музичко семејство, своите први часови за виолончело ги започнал со само четири години, а своето музичко образование го продолжил воГерманија на Универзитетот за музика и театар „Феликс Менделсон Бархолди“ во Лајпциг, каде што учелпод раководство на професор Питер Брунс. Денес, тој е ученик на престижната Академија Кронберг вокласата на професор Франс Хелмерсон.
Петар е добитник на бројни награди и признанија на меѓународни натпревари, меѓу кои се и наградата на Вториот меѓународен натпревар на Кралица Елизабета (Белгија), како и победата на натпреварите во Финска и Шпанија. Неговата техника и емотивен израз го поставуваат како еден од најзабележителните млади музичари на сцената. Тој свири на виолончело направено од Ѓузепе Гуарнери „филиус Андреа“ (1694, Кремона), позајмено од страна на институтот „Беарс Интернешнл Виолин Социети“.