Ѓорѓиевски почна со рушење на дискотеките во Градскиот парк – ќе гради Луна парк
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објави видео на социјалните мрежи на кое се прикажува расчистувањето на просторот во Градскиот парк каде што е предвидена изградба на новиот Луна парк. Тој информира дека се отстрануваат старите бесправно изградени дискотеки и дека локацијата се подготвува за реализација на проектот.
„Ред мора да има. Се расчистува просторот за изградба на Луна паркот, старите бесправно изградени дискотеки во Градскиот парк заминуваат во историјата.
Како што ветив – најдоброто за Скопје!“, напиша Ѓорѓиевски.
На 12 декември лани, Ѓорѓиевски потпиша започнување на јавната набавка за проектирање и монтажа на новиот Луна парк. На овој простор од 84.000 квадратни метри ќе никне место каде семејствата ќе поминуваат квалитетно време заедно, каде ќе има зони за одмор, улична уметност, локации за културни настани и театар со затворена сцена.
Скопје ќе добие нов Луна парк, почнува јавната набавка за проектирање и монтажа
Панорамско тркало, пиратски брод, подморница, среќна лулашка и уште многу други реквизити ќе создадат уникатна атмосфера која ќе го збогати туристичкиот имиџ на Скопје, најави градоначалникот тогаш.
Скопје со години без лунапарк, одобрен е проект за изградба, урбанистите загрижени за локацијата
– Со Флораком и Луна се обновува зелената инфраструктура и се враќа Луна паркот, кој ќе биде завршен во втората половина на 2027 година, рече Ѓорѓиевски минатата недела.
Луна паркот ќе биде комплетно прилагоден и за лицата со попреченост, со најсовремени системи за безбедност, видео надзор и прва помош.