Кризниот штаб и екипите на јавните претпријатија во Скопје на терен по силниот дожд


Фото: Б. Грданоски

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски пред малку информираше дека Кризниот штаб и екипите на јавните претпријатија се на терен.

„Поради силното невреме кое во текот на денешниот ден го зафати Скопје, Кризниот штаб на Град Скопје, заедно со службите и јавните претпријатија, е целосно мобилизиран и подготвен за брза интервенција на терен, доколку има штети, поплави или потреба од итна реакција“, истакна Ѓорѓиевски.

Тој посочи дека се во постојана координација со ЦУК, МВР, ЕВН, Противпожарната бригада на Град Скопје и сите надлежни институции и дека сите капацитети се ставени во функција, со цел навремена заштита на граѓаните и спречување на поголеми последици.

„Екипите на Град Скопје ќе бидат на располагање во текот на целата ноќ и ќе интервенираат секаде каде што ќе биде потребно. Не можеме да го запреме невремето, но можеме организирано, одговорно и заеднички да спречиме поголеми штети“, додаде градоначалникот.

Тој воедно ги повика граѓаните на внимателност, смиреност и соработка со надлежните служби.