Ѓорѓиевски ги прошета колегите од Кемниц, Гориција и Нова Горица низ Скопје


Во посета на Скопје, денеска се градоначалниците  од Германија (Кемниц), Италија (Гориција) и Словенија (Нова Горица), а скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски ги прошета низ главниот град, кој се подготвува да биде Европски град на културата во 2028 година.

„Заедно со градоначалниците Само Турел, Радолфо Зиберна, Џозефин Хаге, како и со Бен Нупнау – вршител на должноста амбасадор при Делегацијата на ЕУ, разговаравме за искуствата и предизвиците што ги носи титулата Европска престолнина на културата, титула што Скопје гордо ќе ја носи во 2028 година“, соопшти Ѓорѓиевски.

Во рамки на посетата, прошетаа низ срцето на градот, низ неговите симболи и приказни, а потоа ја продолжија официјалната средба во Europe House Skopje.

„Оваа средба е вистински простор каде културата дише, се движи и создава. Токму во тоа е суштината на Европската престолнина на културата, да го истакнеме богатството на различностите, но уште повеќе – да изградиме мостови на заедништво, разбирање и заеднички европски идентитет“, вели Ѓорѓиевски.

За Скопје, патот до 2028 е процес на отворање, на учење, на поврзување. Процес во кој културата станува двигател на промени што гради похуман, поотворен и посилен град.

„Затоа, денешната размена со нашите пријатели од Нова Горица, Гориција и Кемниц има посебна тежина. Тие градови покажаа дека културата е жива енергија што создава нови односи, отвора дијалог и гради чувство на припадност. Нивните искуства ни помагаат да ја обликуваме сопствената приказна што Скопје ќе ја раскаже пред Европа“, смета градоначалникот и вели дека ова партнерство не завршува со денешните разговори.

Напротив, продолжува и добива своја видлива форма преку изложбата што вечерва се отвора во Музеј на Град Скопје, достапна за сите посетители од 15 до 26 април, како сведоштво за заедничката визија и културната поврзаност.

Скопје 2028 е обврска да го зајакнеме европскиот дух на градот, да создадеме нови партнерства и да ги вклучиме граѓаните, младите, уметниците и институциите во една заедничка приказна на трансформација, нагласува Ѓорѓиевски.