Ѓорѓе Давид за сообраќајката: „Со автомобилот удрив жена на автопатот“


Српскиот рок-музичар и член на жирито на „Ѕвездите на Гранд“, Ѓорѓе Давид, доживеа сообраќајна незгода во која трагично настрада 49-годишна кумановка.

Ѓорѓе потврди дека учествувал во несреќата и откри детали како дошло до неа.

„Точно е, се случи несреќа синоќа на трртиот километар од македонската граница. Наводно девојка и нејзината сопатничка излегле од своето место и влегле на автопатот во спротивна насока. Возејќи во спротивна насока, девојката налетува на автомобил и директно се сурида со него. Во таа прилика возачот на автомобилот во кој удрила е тешко повреден, а се борат за неговиот живот, додека неговиот сопатник е полесно повреден. Девојката која го возела автомобилот и удрила во неговиот е нагмечена и полесно повредена. Но, нејзината сопатничка не е“, раскажува Давид.

„По несреќата тие останале на автопатот, еден на левата, а другиот на десната страна и минута и пол потоа јас налетувам со брзина која е пропишана со знаци на автопатот и удирам директно во нив. Со мојот автомобил ја удирам сопатничката која шеташе по автопатот. Имаше магла, запалив долги светла и тоа беше секунда. Налетав на тоа лице кое шеташе по патот. Од јачината на ударот скршнав од автопатот и застанав во некои грмушки. Среќа е што имам јак автомобил, инаку не знам што ќе беше со мене“.

Ѓорѓе вели дека полицијата дошла брзо на увид, и дека му се направени сите прегледи со кои потврдиле дека не бил во алкохолизирана состојба.

„Бев во автомобилот. Му зедоа мокрача, крв да видат дали имам некои супстанци, алкохол. Секако, немав, и тоа го утврдија веднаш. Потоа ме одведоа кај јавен обвинител, кој рече дека во овој случај не сум виновен. Виновна е девојката која возела и која наводно во автомобилот била со мајка ѝ, која настрада“, вели Ѓорѓе и додава дека за сега останува во Македонија за да ја испочитува процедурата во вакви случаи.

„Мора да бидам овде. Ме очекува уште една изјава и како што ми рекоа од обвинителството, нема да одам во притвор затоа што немам вина“, вели Ѓорѓе.

Тој уште не може да си дојде на себе.

„Синоќа бев скршен. Сега се смирив. Никогаш во животот ни куче не сум прегазил, а не пак ова. Уштесум во шок, тоа е пекол“, признава рокерот.

Левата рака му е шиена на две места затоа што се скршило ветробранското стакло.

Што вели обвинителството?

Кумановското обвинителство извршило увид во сообраќајната несреќа што се случи вчера пред граничниот премин Табановце во која загина 49-годишна жена од Куманово.

Според првичните сознанија на Обвинителството, до несреќата дошло така што прво настанал судир меѓу автомобилите со македонски таблички бидејќи едн од возилата влегло на автопат од недозволена насока, а откако жената излегла од автомобилот, во неа налетало возилото со српски ознаки. Од здобиените повреди, кумановката починала.

-Според првичните сознанија, иницијалниот судар меѓу два автомобили, „Фолксваген поло“ со кумановски и „Фолксваген голф“ со скопски регистарски таблици, бил предизвикан кога најверојатно возачот на еден од автомобилите влегол на автопат во недозволена насока. По тој првичен судар, патничката од кумановското возило излегла од автомобилот и во тој момент на неа налетал автомобил „Опел инсигниа“ со српски регистарски таблици. Од ударот жената се здобила со тешки повреди од кои починала, соопшти Обвинителството.

Обвинителството издало наредба за обдукција на починатата и за испитување на примероци од крв и урина на другите учесници кои во моментот се хоспитализирани со полесни повреди. Собрани се траги и материјални докази кои ќе бидат предмет на вештачење со цел прецизно да се утврдат причините за сообраќајната несреќа.

Претходно СВР Куманово информираше дека во сообраќајната несреќа што се случи вчера на автопатот Куманово-Табановце на два километри пред граничниот премин, околу 20 часот учествувале три автомобили, од кои едниот со српски национални ознаки.

– Во сообраќајката учествувале патничко возило „фолксваген поло“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од Б.Т.(24) од Куманово, патничко возило „фолксваген голф“ со скопски регистарски ознаки, управувано од В.П.(45) од Куманово и патничко возило „опел инсигниа“ со српски национални ознаки, управувано од Ѓ.Н.(59) од Република Србија. Во несреќата, од здобиените повреди починала Љ.Т.(49) од Куманово, сопатничка во возилото „поло“, а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош Куманово, информираше полицијата.

Со тешки телесни повреди се здобиле В.П. и Б. Т, а со телесни повреди се здобил Ѓ.Н. констатирани во болницата во Куманово.