Гир порача дека не се прави независно судство со распуштање на Судскиот совет


Евроамбасадорот Дејвид Гир денеска предупреди дека распуштањето на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители е мешање во независноста на судска власт и, ако тоа се случи, кај ЕУ ќе предизвика сериозна загриженост.

„Напорите за засилување на владеењето на правото не треба да бидат направени на начин кој би ги нарушил принципите на поделба на властите. На пример, распуштањето на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители ќе значи мешање во независноста на судската власт и ќе биде прашање за сериозна загриженост. Исто и за идејата за раздвојување на Академијата за судии и обвинители, институција која сметаме дека треба да служи како гарант за меритократија и непристрасност во судството“, беше дециден Гир.