Гир не верува дека може да се постигне поинаков компромис со Бугарија, клучот за ЕУ се реформите


Фото: Независен

Клучот за пристапување во ЕУ се реформите, изјави вечерва евроамбасадорот Дејвид Гир. Зборувајќи за уставните измени тој вели дека е скептичен оти може да се дојде до подобар компромис со Бугарија.    

– Новата Влада беше многу јасна за својата поддршка за Украина, тоа е конзистетно со претходната политика, и како што кажав тоа е во целосна согласност со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и со членството во НАТО. Можеби има некои други придвижувања но тоа допрва ќе го видиме. Што се однесува до уставните измени, тоа прашање доминираше во голем дел од мојот мандат, имаше разлики со Бугарија за тоа како да се продолжи со пристапниот процес. Тие беа надминати со договорот од јули 2020 година и тој договор нуди пат напред и овозможува отворање на прием. Новата Влада стави до знаење дека не е среќна со тој договор и верува дека може да репреговара нешто поинакво. Ги следев преговорите одблизу од есента 2020 до јули 2022. Тоа беше тежок процес. Компромиси беа направени од двете страни и мое лично мислење е дека она што се постигна на крајот беше компромис, не совршен но беше најдобриот што можеше да се постигне во тоа време. Јас сум доста скептичен околу можноста да се дојде до нешто подобро од она веќе е постигнато. Секако дека останува до Владата да се обиде и важно е да се седне со Бугарија во соодветно време но, како што кажав имајќи го предвид моето искуство и она што беше добиено досега, скептичен сум околу можноста, рече Гир во интервју за Тема на денот на ТВ Сител.

Ако Владата сака да ги почне разговорите со Бугарија, тоа може да го направи во секој момент, вели тој, додавајќи дека после тамошните избори, ќе има и политички авторитети, но нагласува дека сепак, клучот за пристапување во ЕУ се реформите.

-Не сте „заглавени“ бидејќи клучот за пристапување во ЕУ се реформите. И ништо не ја запира Владата да спроведува реформи. Впрочем, Владата има многу силно мнозинство, мнозинство кое ниту една влада во доскорешниот прериод го немала и затоа тие можат да пристапат кон реформи кои ги наведоа во својата програма. Многу од нив се конзистентни со пристапниот процес. Мислам дека сега е време за енергичен пристап кон реформите. И за ова разговараме и со министрите исто така, рече Гир.  

Евроамбасадорот Гир во интервјуто зборува за повеќе теми, но и за она што најмногу му оставило впечаток во Македонија, имајќи предвид дека наскоро завршува неговиот мандат во нашата земја.