Гир бара да се одблокираат клучните закони во Собранието


Амбасадорот на Шпанија во Македонија, Хозе Луис Лозано Гарсија ги претстави денес програмата и приоритетите на шпанското претседателство со  ЕУ  во Собранието. Тој  нагласи дека ова е петто шпанско претседавање со Унијата од нејзиното членство и дека приорите на Мадрид се  реиндустријализација на ЕУ, унапредување на зелената транзиција и адаптација на животната средина, промовирање на поголема социјална и економска правда и зајакнување на европското единство во чии рамки, рече ќе биде адресирано и проширувањето на ЕУ.

-Шпанија дава големо значење на проширувањето и ќе продолжиме да работиме во овој поглед во текот на претседателството според принципот на заслуга. За Северна Македонија отворањето на пристапните преговори во јули минатата година беше најважен чекор. Има други важни очекувања во текот на овој сместар. Во тој контекст ја потврдуваме поддршката на Шпанија за пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ, рече амбасадорот Гарсија.

Евроамбасадорот Дејвид Гир посочи дека во многу клучни области реформите кои што се поддржани од страна на ЕУ и други донатори не напредуваат како што требаше и во некои случаи има и негативен развој на настани кои не очекувале да ги видат од земја која започна преговори за пристапување во ЕУ.

-Овој законодавен дом има голема улога која може да ја одигра со тоа што ќе го одблокира носењето на клучни закони и ќе го обезбеди соодветното функционирање на други важни институции, порача Гир во обраќањето.

Тој посочи дека Владата се уште треба да разработи и усвои нова стратегија за судска реформа за периодот 2023-2027 година која ќе се осврне на недостатоците во имплеменатцијата на соодветните закони од кои, вели, некои испливаа на површината со неодамнешните настани во Судскиот совет. ЕК како што е најавено, потсети тој, за таа цел ќе испрати висока оценка мисија за да го подобри функционирањето и оформувањето на Судскиот совет и да ја подобри неговата ефикасност и професионалнот. 

Евроамбасадорот Гир се наврати и на нацрт уставните измени кои што треба наскоро да дојдат во Парламентот, а што рече, е суверена одлука за оваа земја, чие усвојување, ќе биде важен чекор кој автоматски и без натамошно одложување и вето, ќе води до одржување на втората меѓувладина конференција – клучен момент на патот на земјата кон членство во ЕУ.

-Важно е да се има отворена дебата за ова прашање, да се фокусирате што е во залог и да не се разговара за стравовите од минатото и анксиозноста за иднината. Ги поттикнувам пратениците и овој дом да дејствуваат со политичка одговорност и да ги стават националните интереси на прво место, како што тие ги гледаат, за да ја обезбедат насоката на оваа земја во ова клучно време и проценувајќи ги можностите кои се пред нив и ризиците од задоцнувањето. Живееме во време на огромна несигурност и огромни предизвици, понекогаш и егзистенцијални, рече евроамбасадорот Гир.

Пратениците од мнозинството и опозицијата го позравија ангажманот на Шпанија за промоција и унапредување на процесот на проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан, едногласни дека земјата треба да ги исполни Копенхашките приоритети и дека не треба да се поставуваат дополнителни непринципиелни барања од соседна Бугарија, но со различно гледање за одговорноста за состојбите во судството, и за уставните измени.

Претседателот на Комисијата за надворешни работи Арбр Адеми во своето излагање во контекст на промената на Уставот, рече дека е јасно дека тоа е условот за одржување на втората меѓувладина конференција и продолжување на европскиот пат, но и дека тоа не е најтешкиот компромис со кој се соочила земјата, набројувајќи ги потпишувањето на Преспанскиот договор, Договорот за добрососедство со Бугарија, како и прифаќањето на преговарачката рамка.

-Дали е ова најтешкото прашање со кое се соочува нашата држава? Нашата држава и претходно направи компромиси кои беа неправедни. Но ова е реалноста, ние се наоѓаме пред прашање дали треба да се стави во опасност европската перспектива? Мислам дека тоа не треба да се направи… Денес се соочуваме со едно друго прашање кое не е од тие најтешки прашања со кои се соочува државава. Овде сме заедно, како што сме ги надминале сите предизвици заедно да го надминеме и овој. Да ги усвоиме уставните измени. Треба да размислуваме за идните генерации, а не за идните избори, рече Адеми повикувајќи на рационалност и на безбедна европска иднина.

Гордана Силјановска од ВМРО-ДПМНЕ осврнувајќи се на забелешките во однос на правосудството и конкретно на блокадата на изборот на двајца нови членови во Уставниот суд, порача дека се додека во Парламентот доаѓаат кандидати на кои, вели, не им е местото ни во Основен суд, а камоли во Уставен суд, ние ќе имаме проблем и оти опозицијата ќе поддржи кандидати ако доаѓаат од редот на професори и врвни правници. 

-Не треба да чекаме повторно оценска мисија која доаѓа, да испитаме овде бидејќи нашите кандидати се најлошите во Судскиот совет, нашите кандидати се најлошите во Советот на јавни обвинители, нашите кандидати во регулатирните тела и сл. Ако не го смениме тоа, ако не го имаме примерот на Антикорупциска и на Комисијата за антидискриминација, при начинот на изборот, ние постојано ќе ги повторуваме истите приказни… Се надеваам дека кога сме до ѕидот на срамот ќе преземеме нешто, сами прво овде, ние, бидејќи голема одговорност имаме овде, подвлече Силјановска.    

Кралството Шпанија на 1 јули ја презеде палката со претседателство на ЕУ од Шведска, во рамки на триото заедно со Белгија и Унгарија. Тоа ќе биде последното целосно претседателство на оваа Европска комисија пред изборите за Европки парламент во јуни, наредната година